Европската перспектива е многу поголема и позначајна од одделни политички случувања, расположенија или изборни процеси и затоа сум оптимист и покрај непредвидливоста што е создадена во односите со Бугарија дека сепак ќе се најде начин да се повлече напред процесот на нашето пристапување кон Европската Унија, порача синоќа министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Изборите во Бугарија, посочи Османи, во секој случај ги оптоварија односите помеѓу нашите две држави и нормалната и рационална комуникација која ја имавме. -Очекувам дека со завршувањето на изборите ќе се врати рационална дебата и разумот ќе ги замени емоциите. Се надевам дека заради пандемијата ќе се консолидира политичката сцена во Бугарија и очекувам брзо формирање на институциите што ќе овозможи брзо рестартирање на нормалната комуникација за изнаоѓање на решение, рече Османи во интервју за ТВ 21.
Иако има доста непредвидливост во резултатите од изборите во Бугарија и многу нови партии не гледа дека која било политичка структура е антиевропска или е против европската перспектива на регионот и на нашата држава. Очекува да направиме исчекор во јунско-јулскиот самит на ЕУ и смета дека невлегувањето на партијата на Красимир Каракачанов во бугарскиот Парламент праќа добра порака до сите политички чинители кај источниот сосед дека народот е против спречувањето на нашата европска перспектива.
-Пораката од народот е важна во смисла дека спречувањето на европската перспектива на Северна Македонија не е тоа што бугарските граѓани го посакуваат, бидејќи тоа беше основниот наратив на партијата на Каракачанов. Фактот што не ја доби поддршката од бугарските граѓани е најсилна порака која произлезе од изборите. Народот не е против европската перспектива и бара начин за зближување и соработка меѓу двете држави. Мислам дека тоа ќе се пренесе и во политичките ставови на партиите кои добија глас од граѓаните, рече Османи.
Од Европската Комисија, пак, не сакаат да влегуваат во детали околу политичката ситуација во Бугарија после изборите што се одржаа во неделата, но се надеваат дека Скопје и Софија ќе постигнат компромис.
Портпаролката на Европската Комисија задолжена за проширувањето, Ана Писонеро, вчера во коментар за МИА рече дека Брисел „ги охрабрува и Бугарија и Северна Македонија да изнајдат заеднички прифатливо решение за тековните билатерални прашања“.
-Со нетрпение очекуваме да се одржи првата Меѓувладина конференција што е можно поскоро, додаде Писонеро.
Луксембуршкиот универзитетски професор, историчар и експерт за Балканот, Флоријан Бибер вчера оцени дека оние што го блокираа стартот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, не добија ништо со својот национализам на изборите во Бугарија.
– Имајќи ги предвид резултатите од изборите во Бугарија, дали можеме да кажеме дека никој од оние кои решија да ја блокираат Северна Македонија за преговорите со ЕУ, не профитираше од овој евтин националистички обид? Време е да се продолжи понатаму, наведе во објава на Твитер.
На парламентарните избори во Бугарија победи коалицијата на Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) и Сојузот на демократските сили (СДС), предводена од премиерот Бојко Борисов со освоени 26,18 отсто од гласовите. Партијата на шоуменот и ТВ водител Слави Трифонов „Има таков народ“ освои 17,66 проценти од од гласовите.
Опозициската Бугарска социјалистичка партија (БСП) на Корнелија Нинова доби 15,01 отсто, Движењето за права и слободи 10,49 отсто, „Демократска Бугарија – обединување“ на поранешниот министер за правда Христов Иванов 9,45 проценти и „Исправи се!Мафијата надвор!“ на Маја Манолова освои 4,72 отсто. За бугарската ВМРО на Каракачанов гласаа 3,64 проценти.
Минатата година Северна Македонија, но и целиот регион, се најдоа блокирани во Советот на ЕУ поради неможноста да се постигне компромис за вокабуларот во редовните декемвриски заклучоци на ЕУ за проширувањето, пред сѐ во однос на една реченица поврзана за „погрешното толкување на историјата“.
Северна Македонија во мај треба да го одржи и редовниот состанок за Стабилизација и асоцијација, кој требаше да се одржи во февруари, но беше одложен, во голем дел поради тоа што немаше напредок во разговорите со Софија.