Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Алфредо Нестор Атанасоф, новоименуван амбасадор на Аргентина во Република Северна Македонија, со седиште во Софија.
На церемонијата на предавање на акредитивни писма, претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот Кабинет, потенцираше дека двете држави иако се географски далечни, споделуваат исти вредности на демократијата, почитување на човековите права, зачувување на животната средина и ефективниот мултилатерализам, со силен фокус на интегралниот човечки развој.
Истакнувајќи дека минатата и оваа година светот се соочи со најголемата здравствена криза, при што, пандемијата ни покажа дека државите нема да можат целосно да се справат со вирусот доколку отсуствува меѓународна солидарност и силна соработка, шефот на државата Пендаровски порача дека ниту една земја не може да се спаси самата, туку само сите заедно и солидарно.
– Како одговорна членка на меѓународната заедница, Република Северна Македонија им придава значење на односите со сите држави, за доброто на нашите народи, обезбедување и зацврстување на мирот во светот, како и одржлив развој и економски просперитет, порача претседателот Пендаровски.
Во таа насока, тој истакна дека земјава е подготвена за развивање и унапредување на билатералните односи со Аргентина особено во областа на културата, образованието, земјоделството и економијата.
Амбасадорот Атанасоф нагласи дека од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави во 1999 година, изградени се одлични билатерални односи кои се темелат врз заеднички интереси и споделени вредности со силна посветеност заеднички да придонесат за создавањето на еден покооперативен, безбеден и просперитетен свет. Притоа, тој додаде дека меѓусебната соработка во рамки на меѓународните организации е едно од главните достигнувања на двете земји.
Оценувајќи дека изградбата на врските меѓу двете земји е можна благодарение на блиските односи меѓу двата народа, амбасадорот Атанасоф, истакна дека е значајна и соработката во областа на културата, особено во областа на книжевноста со преведените дела на аргентински писатели од македонски преведувачи.
– Убеден сум дека Аргентинците и Македонците ќе можат дополнително да ги зајакнат нашите врски и во други релевантни области, како што се економските и трговските, и во оваа смисла, аргентинската амбасада е целосно подготвена да истражува и да презема заемно корисни активности за обете земји, порача амбасадорот Атанасоф.
Претседателот Пендаровски на новоименуваниот амбасадор на Аргентина му посака успех во вршењето на одговорната дипломатска функција.