Собранието ја почна постапката за одложување на пописот, измените денеска во Законодавно-правната комисија

Собранието ја почна постапката за одложување на пописот, што би се одржал од 5 до 30 септември. Пратениците вчера ја изгласаа потребата од донесување на Предлог- закон за изменување и дополнување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Севрна Македонија, 2021 година по скратена постапка, поднесен од Владата.  Измените на Законот за попис добија поддршка во Комисијата за европски прашања, а денеска претпладне се пред Законодавно-правната комисија.

Претседателот на Собранието Талат Џафери информира дека според Деловникот измените на Законот за попис треба да бидат разгледани на матичните комисии, за европски прашања и за политички систем и односи меѓу заедниците и на Законодавно-правната комисија. Откако ќе има извештај дека комисиите завршиле со работа, согласно времето и роковите, пратениците ќе бидат известени за продолжувањето на 38. седница, на чиј дневен ред се одложување на пописот и измена на Изборниот законик, со кој се предвидува употреба на терминали за отчитување на отисок од прсти на локалните избори, што исто така ќе бидат одложени за втората половина на октомври.

Одложувањето на пописот од април за септември беше договорено на лидерската средба меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Премиерот Заев изрази уверување дека Парламентот ќе ги донесе измените и дополнувањата на Законот за попис за негово одложување за септември, а бидејќи самата операција е почната согласно постојниот Закон со подготвителна фаза за теренски активности, сите материјали кои евентуално ќе бидат изработени, ќе бидат земени предвид.

– Нема потреба од никакаква одговорност, затоа што со донесувањето на самиот закон сите материјали кои што се денеска изработени ќе бидат земени предвид. Јасно беше дека првите денови се подготвителни за излегување на терен на самите попишувачи, така што верувам дека нема да има потреба од никаква дилема. Со закон ја постигаме големата цел навистина сите да се вклучат во процесот на попишување на населението, изјави вчера Заев, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој нагласи дека со донесување на измените и дополнувањата на Законот за попис, ќе нема потреба да се оди на терен, па да се прават прекини и се да продолжи од 5 септември.

– Пописот како процес почнува на 1 април, од денеска пописот е во подготвителна фаза за терен, организација на групите, систематско поставување на ракувањето и аплоудинг на самите податоци кои што ги собираат и после почнуваат теренските активности. Така што јас верувам дека Парламентот денеска или утре ќе може да ги донесе измените и дополнувањата на Законот за попис, за да нема дополнително потреба да се оди на терен, па да се прават прекини, па да се продолжи од 5 септември па натаму. Така што официјално по Закон пописот почнува денеска, но почна подготвителната фаза на теренските активности. Верувам дека тука ќе се изменаџира, но ако во делот на завршувањето на подготвителната фаза и започне вториот чекор, односно теренските активности, секој пописен лист, односно материјал кој што е направен ќе биде сочуван и ќе биде важечки. Така што постојат технички решенија за ова прашање, рече Заев.

Коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива останува на ставот дека не треба да има одложување на пописот. -Повикуваме на разум и свест кај албанските пратеници да се искористи Бадинтер и да го оневозможиме одложувањето, бидејќи барањето на двајцата моноетнички лидери Заев и Мицкоски не беше од здравствени причини, туку тотално од политички, од страв дека Албанците ќе бидат повеќе од тоа што планирале, а Македонците со бојкотот ќе се докаже дека се помалку. Таква политичка игра нема да дозволиме, изјави координаторот на пратеничката група на Алијанса и Алтернатива Реџепи.

Според албанската опозициска коалиција Државниот завод за статистика, кој информира дека нема да го почне пописот на терен, извршува кривично дело.
-Ова одбивање за да се спроведе законот е силен удар врз принципот на правна сигурност, како основен концепт на правна држава. Го повикуваме Обвинителството итно да ги преземе потребните мерки за зачувување на правната држава и владеењето на правото, со тоа што ќе поднесе обвинение против директорот и заменик-директорот на ДЗС. Го потсетуваме Обвинителството за тоа што вели законот за попис во членовите 16 и 18, нагласуваат од коалицијата.
Според член 16 ДЗС се грижи за законитоста при подготовката, организацијата и реализацијата на пописот во согласност со одредбите на овој закон и врши надзор над работата на лицата-учесници на пописот. Според член 18 во рамките на нивните надлежности утврдени со закон, во вршење на одредени пописи учествуваат: Министерство за одбрана, Министерство за правда, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за надворешни работи и Агенција за катастар на недвижнини и други носители на прибирање податоци.
Политичката партија Левица бара одложување на пописот за 2022 и итно прекинување на пописот на дијаспората. Потсетуваат дека и понатаму ќе работат во полза на промена на, како што велат, целата нерегуларна и несоодветна методологија во Законот, којашто не е по ниту еден меѓународен стандард, туку само по стандардите на коалицискиот партнер на СДСМ – ДУИ.
Според нив, доколку не се донесе нов закон по сите меѓународни стандарди и со консензус на сите парламентарни партии, продолжуваат со нивната кампања.