Оптимизам по средбата на Заев со АА и Алтернатива за законот за државјанство

Премиерот Зоран Заев, денеска заедно со неколкумина министри се сретна со координаторот на пратеничката група на Алијанса на Албанците и Алтернатива Скендер Реџепи во врска со законот за државјанство, којшто беше причина за блокада на Парламентот. По средбата Заев изјави дека верува дека ќе се изнајде решение за проблемот со немањето државјанства и дека на средбата биле изнесени низа ставови како од страна на владините претставници така и од пратениците на Алијанса на Албанците. Следната средба е најавена најдоцна за една недела.

-Имавме конструктивен работен состанок на којшто претставниците од извршната власт можевме да ги слушнеме аргментациите по Предлог-законот од Алијанса и Алтернатива, претставени од нивните пратеници. За еден дел од работите веднаш најдовме решение и знаеме како ќе се решат работите, но она за позначаен дел од работите заклучивме дека Владата треба да ги разгледа аргументациите коишто беа понудени во наративот и образложението од страна на Алијанса и Алтернатива како што и тие треба да ги разгледаат аргументациите коишто беа понудени од страна на соодветните министри, рече по средбата Заев.

Како што посочи, договорено е најдоцна за една недела да се сретнат и врз основа на тие аргументации да се пронајде трајно решение.

-Се согласивме дека таа бројка иако е евидентирана 1.500 имаме во матична евиденција, 800, 850 луѓе е различна. Притоа разграничивме граѓани коишто имаат извод од матична книга на евиденција односно се родени тука е една проблематка, и граѓани коишто се истакнуваат со државјанство со природување односно женење, мажење во државата се друга проблематика, и како да настапиме, објасни премиерот.

Заев рече дека во следните неколку дена службите интензивно ќе работат за да ги разгледаат и да ги разберат сите овие предлози што ги дадоа двете опозициски партии Алијанса на Албанците и Алтернатива, но исто така тој очекува и тие да ги согледаат сите аргументации што биле дадени од соодветните министри.

-Така на тој начин ќе потврдиме сите дека сме за трајно решавање за оние наши граѓани коишто немаат државјанство да добијат државјанство, а притоа тоа да биде согласно европските конвенции за државјанство, согласно меѓународната регулатива за државјанство и согласно сето она што претставува одржливост на решенијата за државјанство, рече премиерот Заев.

Во решавање на оваа проблематика, како што кажа, ќе се искористи примерот од 2004 година, кога се решени случаите со повеќе илјади граѓани.

Заев рече дека денеска пописот не бил тема на средбата туку само законот за државјанство и оти откако ќе завршат нивните разговори, потоа ќе треба да се разговара и со ВМРО-ДПМНЕ и со Левица кои го имаат блокирано измените и дополнувањата на законот за државјанство на АА и Алтернатива.

Премиерот рече дека мора да се почитува Европската конвенција, потсетувајќи дека ние сме кандидат за членство во ЕУ и не смееме да ризикуваме да ја изгубиме визната либерализација и затоа се мора да биде засновано на докази.

-Навлеговме кон одредени детали кои не водат кон решение, така што ќе изнајдеме решение, рече Заев.

И координаторот на пратеничката група на АА и Алтернатива Реџепи по средбата изјави дека верува дека се на пат за трајно решение за проблемот со државјанството.

На средбата присуствуваа и министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за правда Бојан Маричиќ и за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, како и координаторот на пратеничката група на СДМ Јован Митрески.