Една година членство во најсилниот воено безбедносен сојуз, Столтенберг: Опкружени сте со 29 пријатели и сојузници

Република Северна Македонија викендов одбележа една година од членството во НАТО – воено-политички најмоќното семејство на развиени демократии, при што генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг, порача дека земјава е вреден сојузник на Пактот, со свое место на масата на НАТО и еднаков глас во обликувањето на одлуките. Одбележувањето на годишнината официјално беше заокружено синоќа со отворање на НАТО парк и изложба на фотографии пред Министерството за одбрана, на која е прикажано основањето и работата на Канцеларијата за врски на Алијансата во земјава, која официјално ќе биде затворена.

Министерството за одбрана вчера информира дека по повод затворањето на Канцеларијата за врски на НАТО, ресорната министерка Радмила Шекеринска ќе му врачи плакета за благодарност на шефот на Канцеларијата, полковник Зоран Јанкович.

Во соопштението се посочува дека затворањето на канцеларијата на НАТО означува крај на една соработка која завршува со комплетен успех.

– Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје ја завршува својата мисија со успех. Една година по полноправното членство на Република Северна Македонија во Алијансата, НАТО канцеларијата заминува од државата. На патот на Северна Македонија кон НАТО, две децении, тимовите на НАТО канцеларија даваа исклучителна поддршка на македонските институции за остварување на стратешката цел. Со своите совети и интензивната соработка помагаа да ги подредиме приоритетите на реформите за членство во НАТО, се додава во соопштението на Министерството за одбрана.

Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, пак, во видео обраќање по повод годишнината, нагласи дека зачленувањето во Алијансата претставува „крај на едно патување поплочено со храброст и одлучност, што ја постави Северна Македонија на патот на стабилноста и просперитетот, опкружена со 29 пријатели и сојузници“.

– Тоа е добро за граѓаните на Северна Македонија, за регионалната безбедност и за трансатлантската безбедност, вели Столтенберг, нарекувајќи ја земјава сигурен извозник на безбедност.

Столтенберг во пораката се осврна и на солидарноста на НАТО во услови на пандемија, на новите безбедносни закани и најави дека на следниот Самит на Алијансата ќе биде поставена амбициозна агенда за нејзината иднина, преку иницијативата „НАТО 2030“.

– Во овие неизвесни времиња, уште поважно е да имате пријатели и сојузници. Затоа, честитки уште еднаш на Северна Македонија за успешната прва година. Ви благодариме за континуираниот придонес на нашата заедничка безбедност. И благодариме на Канцеларијата за врски на НАТО за целата нивна помош и поддршка низ годините. Заедно стоиме, 30 сојузници на број. Заедно продолжуваме да ја гарантираме безбедноста на нашите граѓани, порача Столтенберг.

Главната церемонија на одбележување на годишнината од членството во НАТО се одржа во саботата во касарната „Илинден“, на која се обратија претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и командантот на Сојузничката команда на здружените сили на НАТО во Неапол, адмиралот Роберт Бурк.

На церемонијата беше одржана и показна вежба на армиските припадници, а Скопје го надлетаа авиони на земјите сојузнички од НАТО и хеликоптети на македонската Армија.

Со членството во најголемиот воено-политички сојуз, земјава ја реализираше стратешката цел, зацртана со консензус уште во 1993 година, кога Собранието усвои Резолуција за членство. Во 1995 година Македонија се приклучи кон програмата на Алијансата – Партнерство за мир, а Канцеларијата на НАТО беше отворена во 1997 година. Во 1999 година земјава стана кандидатка за членство, кое беше официјализирано лани на 27 март. Само три дена подоцна, на 30 март 2020 знамето на Северна Македонија беше кренато да се вее пред седиштето на НАТО во Брисел со знамињата на останатите држави членки.