Отворена првата Школа за политики при Претседателскиот центар за политичко образование

Убеден сум дека за да имаме стабилна демократија и за да имаме идни генерации на демократи, мора да вложуваме во образование втемелено во демократските вредности. Токму таа потреба ме поттикна да почнам една ваква иницијатива за која искрено се надевам дека во следниот период ќе добие поширока општествена поддршка, рече претседателот на државата, Стево Пендаровски во денешното обраќање по повод отворањето на првата Школа за политики.

Школата за политики, како што напомена Пендаровски, е централната активност на Претседателскиот центар за политичко образование. Ќе почне овој викенд и ќе трае до ноември годинава, а учесниците беа избрани на јавен оглас, врз основа на нивниот интерес за активно учество во општествениот живот, професионалните квалификации и стручните постигнувања.

Посочувајќи дека составот на учесниците на Школата за политики ги одразува клучните цели на неговата политика, претседателот Пендаровски истакна дека тие се потребата за градење солидарно и инклузивно општество, за поттикнување на политичкиот и општествениот дијалог преку надминување на поделбите и за промовирање на мултикултурноста како клучна алка на поврзување на граѓаните.

-Во таа насока, уверен сум дека учесниците на оваа прва школа ќе имаат исклучителна прилика не само да ги надградат своите знаења и способности, туку и да се поврзат и да изградат контакти кои силно ќе влијаат врз нивниот личен и професионален развој, рече Пендаровски.

На настанот се обрати и проф. д-р Александар Љ. Спасов, претседател на Програмскиот совет на Претседателскиот центар за политичко образование и советник на претседателот за надворешна политика, внатрешна политика и уставни прашања. Тој истакна дека Школата за политики обединува учесници со различно потекло и професионално минато, но со заедничка цел за иднината.

-Таа цел е желбата на младата генерација на наши граѓани да живеат во демократски уредена држава заснована врз начелата на владеењето на правото и на солидарноста и во општество во кое нашите разлики се влог во прогресот, а не основа за конфликти и нови поделби, подвлече Спасов.

Целта на Претседателскиот центар за политичко образование и на Школата за политики е да придонесе кон градење единство преку учење, да ја промовира културата на дијалог и да влијае во реформата на образованието преку сеопфатно вклучување на политичкото образование во нашиот формален и неформален образовен систем.

Обраќања на хибридниот настан имаа и претставници на партнерските фондации и организации кои се дел од Програмскиот совет на Претседателскиот центар за политичко образование: фондацијата „Фридрих Еберт“ за Северна Македонија, Меѓународниот републикански институт (ИРИ), фондацијата „МК2025“, фондацијата „Конрад Аденауер”, фондацијата за демократија на Вестминстер во Северна Македонија и Националниот демократски институт (НДИ).

Поради КОВИД пандемијата, отворањето на Школата беше со скратена програма. Остатокот од модулот ќе се одвива онлајн.

Школата ќе се реализира преку четири едукативни семинари со еминентни предавачи и обучувачи од државата и од странство. Учесниците ќе имаат можност да ги унапредат своите знаења на теми кои ги вклучуваат прашањата за демократијата, правната држава и борбата против корупцијата, заштитата и промоцијата на човековите права и слободи, надворешната политика и безбедноста, нашата интеграција во Европската Унија, социоекономскиот развој, како и политичката комуникација и транспарентноста.