Османи во посета на Шпанија

Билатералните односи, економската соработка и европските перспективи на државата ќе бидат главните теми на разговор на министерот за надворешни работи Бујар Османи на средбите, кои денеска ќе ги оствари во рамки на неговата работна посета на Шпанија. 

Тој во Мадрид ќе се сретне со шпанската министерката за надворешни работиЕвропска Унија и соработка, Аранча Гонзалес Лаја. По средбата предвидена е заедничка прес-конференција на двајцата министри за надворешни работи.

Во рамки на посетата на Шпанија, како што соопшти Министерството за надворешни работи, Османи ќе има средби и со Аурора Мехија, директор за Европската Унија и главен советник во Kабинетот на претседателот на Владата, Педро Санчез и со претседателот на Комисијата за надворешни работи во Сенатот, Антонио Гутиерез Лимонеси. Предвидена е средба и со директорот на Светската туристичка организација, Зураб Пололикашвили.

Министерот за надворешни работи ќе има одделни средби и со претставници на дијаспората на Република Северна Македонија во Шпанија.

Османи претходно беше во Швајцарија, каде со сојузниот министер за надворешни работи на, Игнацио Касис разговараше за севкупниот развој на односите меѓу двете земји, со посебен фокус на билатералната развојна помош на Швајцарија кон Република Северна Македонија.

Во Швајцарија шефот на дипломатијата оствари средби со бројни здруженија на граѓани и членови на нашата дијаспора од кои побара поддршка за процесот на Попис 2021.

Работните посети на Османи на Швајцарија и Шпанија се дел од дипломатските активности за презентација на европското досие на земјата, но и во насока на мобилизација на нашата дијаспора за вклучување во процесот на самопопишување во рамките на Попис 2021, истакна МНР.