Дали ќе се одржува пописот или не, на кој начин ќе се одржува, е политичка одлука, а не на Комисијата за заштита од заразни болести, вели првиот човек на ова советодавно тело на Министерството за здравство, Жарко Караџовски. Од владејачката СДСМ велат пописот ќе биде безбеден по здравјето на сите и дека по 20 години неопходно е спроведување на таква статистичка операција. Дел од политичките партии и неколку здруженија пак најавија бојкот на пописот, а како една од причините ја посочуваат влошената епидемиолошка состојба.
-Овде државата гарантира дека попишувачите максимално ќе ги почитуваат јасно утврдените здравствени протоколи, се со цел за да го заштитат здравјето свое но секако и на граѓаните. Фактот дека 20 години немаме спроведено попис како статистичка операција секако не упатува на тоа дека навистина таквата операција е неопходна и е во интерес и на граѓаните и на државата, вели Костадинов.
Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, пак, попис во април ќе значи 2400 мртви поради корона.
Повикувајќи се на кажувања на СЗО, Николоски вчера во Дневникот на телевизија Сител рече дека едно лице кога ќе заболи додека открие дека е болно заболува најмалку 9 лица.
-Што значи дека во процесот на попис, овие 5500 попишувачи ќе го пренесат вирусот на 49 500 лица. И во Македонија смртноста е меѓу највисоките или е 4,9 проценти, што значи дека попис во април ќе значи 2400 мртви од корона и ќе значи колапс на здравствениот систем затоа што педесттина илјади луѓе ќе заболат, кажа Николоски.
Од 1 март започна процесот на попишување на дипломатите и нивните семејства, како и процесот на самопопишување на граѓаните кои се дел од дијаспората, односно што се наоѓаат надвор од земјата, а кои ќе бидат попишани како нерезидентно население на државата. Овој процес ќе трае до 21 април. Од 1 до 15 март се попишуваа уште пет други категории лица, а тоа се лицата што се наоѓаат во служба на Армијата на РСМ, во државата или во странство, лицата што се наоѓаат во притвор или на издржување казна затвор во затворите, казнено-поправните установи и воспитно-поправните домови, како и лицата бездомници.
Пописот на резидентното население на Република Северна Македонија ќе се спроведе од 1 до 21 април оваа година, со употреба на пренослив компјутер, на посебна апликација, при што задолжително ќе се применуваат технички и организациски мерки согласно прописите од областа на заштита на личните податоци.