Американскиот Стејт Департмент ја одобри набавката на 54 лесни оклопни возила од типот „STRYKER“ од страна на Владата на Северна Македонија за потребите врзани со модернизацијата на македонската Армија во согласност со стандардите на НАТО, информира Министерството за одбрана.
Набавката во вкупна вредност од околу 210 милиони долари, велат оттаму, е продолжување на веќе започнатиот повеќегодишен проект (2019-2024) за набавка на Лесни оклопни возила (ЛОВ) како главен проект во Долгорочниот план за развој на одбранбените способности (ДПРОС) за модернизација и опремување на Армијата.
-По одлука на Владата на Република Северна Македонија проектот се реализира како повеќегодишен проект во соработка со Владата на САД користејки ја програмата Foreign military sales (FMS), при што се користат и американските фондови ERIP, CRIFF и програмата 333 со што учеството на Владата на САД ќе изнесува околу 20-25 проценти од вкупната сума, се вели во соопштението од Министерството за одбрана.
Проектот се реализира како договор „Влада со Влада“ со Владата на САД и вклучува набавка од две реномирани компании на воената индустрија на САД и тоа „Oshkosh Defense” и „General Dynamics Land Systems“. Веќе е во тек набавката на платформата JLTV од компанијата „Oshkosh Defense” и до сега се склучени сите аранжмани за набавка на околу 40 возила од оваа компанија.
-Со објавување на одлуката на Конгресот на САД за одобрување на склучувањето на договорот за набавка на ЛОВ „STRYKER“ од компанијата „General Dynamics Land Systems” влегува во финалната фаза на заокружување севкупниот проект за опремување со ЛОВ. Согласно ДПРОС и предвидените национални буџетски средства се планира во првата фаза да бидат набавени околу 20 возила „STRYKER“. Испораката на возилата се очекува да отпочне од 2022 година, посочуваат од МО.
Од Министерството додаваат дека со реализација на овој проект за опремување и модернизација на Армијата покрај исполнување на побарувањата за интероперабилност произлезени од НАТО пакетот на цели на способности, се овозможува Република Северна Македонија да ги проектира и заштити своите витални и национални интереси.
Во известувањето на Американската агенција за соработка во одбраната, појаснуваат од Министерството за одбрана, стои дека предложената набавка „ќе ја подобри безбедноста на сојузникот во НАТО, што е важна сила за политичка и економска стабилност во Европа, односно ќе ја подобри способноста на Северна Македонија да одговори на сегашните и идните закани со зголемување на оперативните способности, достапноста на силите и унапредувањето на воената соработка”.