Заев со надеж за наоѓање решение за бугарското вето пред јуни, Борисов бара разговори засновани на разум, не на емоции

Нови пораки за можноста за придвижување на односите меѓу Скопје и Софија, по бугарското вето за почеток на преговори на Северна Македонија со Европската Унија. Бугарскиот премиер Бојко Борисов вчера порача дека двете страни треба да се подготват за преговори засновани на разум, а не на емоции, бидејќи несогласувањата меѓу двете земји треба да се надминат во интерес на идните генерации. Премиерот Зоран Заев, пак, се согласи дека е многу важно каква историја денес испишуваме и што ќе им оставиме на младите и идните генерации и изрази надеж дека решение може да се најде пред јуни.

Борисов вчера имаше куса средба со шефот на дипломатијата Бујар Османи, додека и двајцата ги чекаа летовите на аеродромот во Софија, првиот за Виена, а вториот за Берн. Тој нагласи дека сите несогласувања меѓу Бугарија и Република Северна Македонија треба да бидат надминати, бидејќи, како што посочи, следните генерации нема да ни  простат дека сме ја пропуштиле оваа голема можност.

Премиерот Заев вчера на прес-конференција во седиштето на владејачката партија ја поздрави пораката на Борисов и изрази задоволство од ваквиот, како што рече, чин на пријателство. Изрази уверување дека Борисов ќе биде еден од главните чинители за изнаоѓање решение меѓу двете земји ако биде избран за претседател на Владата во Бугарија.

-Верувам дека навистина, како што кажа Борисов, важно е таа историја денеска што ја пишуваме, каква историја денеска ние испишуваме и што ќе им оставиме на младите и идните генерации после нас. Таа е важна. Не дека не е важно минатото. Важно е, го почитуваме. Тоа е основата на нашето постоење. Но, тоа  е основата и на нашата иднина. Треба да бидеме фокусирани на иднината. Јас му посакувам на бугарскиот народ пред се мудра одлука на претстојните избори, а одлачат онака како што мислат дека е најдобро за нив, а веднаш после изборите јас очекувам да имам и средба со бугарскиот премиер за да можам понатаму јас, работните групи, министрите за надворешни работи да продолжиме во изнаоѓање на ова решение, нагласи премиерот и лидер на СДСМ.

Заев, кој вчера беше и во посета на Луксембург, каде меѓудругото лобираше за поддршка за формалното отворање на преговори со ЕУ и надминување на ветото на Бугарија во интервју за луксембуршкиот весник „Ворт“ претходно напомена дека ветото на Бугарија за почетокот на преговорите во ЕУ беше неблагодарен гест, но дека неговата Влада е посветена на европеизација на земјата.

-Точно, неблагодарно е што нашиот сосед, Бугарија, стави ново вето за нас во декември 2020. Главната е цел да се решат историските разлики во интерпретациите помеѓу Скопје и Софија. Морам да кажам дека со вакво однесување ЕУ никогаш нема да постои, Европејците гледаа кон иднината, не минатото, истакна Заев во интервјуто.

Порача дека и во овој случај со Северна Македонија и Бугарија треба да се стори истото.

-Но мислам дека сѐ уште можеме да изнајдеме решение за бугарското вето пред јуни. Ова бара помош од остатокот од ЕУ која исто така треба да докаже дека ги почитува вредностите на ЕУ и дека историските спорови не смеат да бидат пречка за иднината на земјата, вели премиерот во интервјуто за „Ворт“.

А Борисов на средбата со Османи истакна дека не смее да биде забавено интегрирањето на Северна Македонија и Албанија во ЕУ и токму поради тоа е потребно надминување на несогласувањата меѓу Софија и Скопје.

-Значи, и вие и ние треба да се подготвиме за преговори за разум, а не за емоции, за да можат нашите соседи да бидат во Европската унија. Геостратешката цел на Бугарија е ова, прашањето е да се најде политичка волја, и ние и вие, нагласи Борисов на средбата.

Бугарскиот премиер додаде дека двете земји треба да чекорат по патот на дипломатијата и разбирањето.

-Хероите кои загинале за слобода, не смее да бидат темата, која ќе не раздели, бидејќи нивниот најдлабок сон бил да бидеме заедно и затоа ги дале своите животи. Така што тие треба да бидат мост на пријателство, а не на разединување, нагласи Борисов.

Османи, пак, истакна дека е потребно што е можно побрзо да се одржи состанокот  на меѓувладината комисија, со цел да се направи пресек на она што досега е исполнето од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година.

-Го договоривме акцискиот план, потребен е само извештај од Комисијата за историски прашања. Треба што побрзо да се состане меѓувладината комисија, да кажат толку и толку е направено минатата година, толку ќе направиме следната година. Очекувам од ваша страна, но и од наша страна што поскоро да се усогласи терминот за тој состанок. Ако се врати довербата мислам дека полесно ќе можеме да разговараме за сите други прашања за кои имаме разлики, му порача Османи на Бориов.

И додека Скопје и Софија се обидуваат да ги приближат ставовите во Брисел е активна иницијативата за враќање на Западниот Балкан на дневен ред на министерскиот совет за надворешни работи, кој е планирано да се одржи на 19 април. Иницијативата на деветте земји членки ја поддржа високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.

– ЕУ и Западниот Балкан се приоритет за Европската Унија, ЕУ е главниот политички, економски и трговски партнер на регионот, чија иднина јасно се наоѓа во ЕУ. Високиот претставник го дели ставот изразен во писмото на министрите за надворешни работи по ова прашање, стои во одговорот на кабинетот на Борел за МИА.

Австрија, Хрватска, Чешка, Германија, Грција, Ирска, Романија, Словачка и Словенија, на 5 март преку писмо побараа од шефот на дипломатијата на ЕУ да се врати Западниот Балкан на агендата на Унијата. Во декември лани првпат во историјата, ЕУ ја заврши годината без никакви заклучоци за Западен Балкан, поради неможноста да се изнајде компромис со Бугарија околу речникот поврзан за „толкувањето на историјата“. Од декември до денеска Западен Балкан е целосно отсутен од дискусиите во Брисел.

Априлскиот министерски совет за надворешни работи на ЕУ е предвиден на 19 април, што ќе биде и после изборите во Бугарија, отворајќи можност регионот да се врати во фокусот на ЕУ.