Постојат повеќе причини за степенот на заинтересираност на нашата дијаспора, меѓутоа се уште сме на почеток од процесот и имаме уште 35 дена можност граѓаните кои живеат надвор да се самопопишуваат, но и 30 дена да бидат попишани од попишувачите на терен, изјави денеска на прес-конференција министерот за надворешни работи Бујар Османи, одговарајќи на новинарски прашања за слабиот одзив на дијаспората за Пописот.
Прерано е, рече Османи, да се даде оценка за успешноста на процесот на попишување на дијаспората и нагласи дека проценки се прават врз основа на споредбите на одзивот во Европа и останатите континенети, како Австралија и Северна Америка, каде постои разлика.
– Веројатно и дистанциата и степенот на информирање го прави своето. Не можам да прејудицирам дали има одредени други причини што може да бидат во основа на таквиот помал одзив. Сега во овој период, мислам дека повеќе треба да бидеме проактивни како да стигне информацијата до нив, отколку во ретроактивни анализи, за кои е прерано да се прават, изјави Османи.
Во однос на тоа дали има бојкот на пописот од лицата во дијаспората, Османи рече дека нема информации ниту од дипломатско-конзуларните претставништва, ниту од негови лични контакти со дијаспората дека некој активно бојкотира или дава отпор за попишување.
– Меѓутоа, не можам тоа да го исклучам, бидејќи не можеме сите наши граѓани кои живеат во Австралија, Канада или САД да ги контактираме за да го знаеме нивното мислење. Сметам дека во оваа фаза е најважно да стигне информацијата до секој од нив. Очигледно не сите граѓани во светот ја знаат информацијата и ја знаат важноста на пописот, за нив пред се. За првпат ќе имаме точни бројки за дистрибуцијата на нашите граѓани во светот, нивната структура и врз основа на тоа ќе можеме да ги димензионираме нашите услиги и нашите ДКП-а, за да може граѓантие да ги добијат услугите таму каде што живеат, но и да направиме политики да го поттикнеме нивното враќање назад, изјави Османи.
За можноста луѓето од дијаспората да бидат попишани од резидентното население тука, Османи рече дека согласно формулацијата во законот било кој, кој најдобро го знае податоците за наш граѓанин кој што живее во странство, притоа го има матичниот број може да ги даде тие податоци.
Во прашалникот кој што треба да го одговорат граѓаните од дијаспората, појасни Османи, стојат и податоците за имотот кој го имаат и последната адреса од која заминале.
– Ова е важно прашање и важна информација што треба да ја знаат граѓаните од дијаспората. Дека тие информации треба да бидат дел од пописот, затоа што и нерезидентнотно население влегува во подготвување на вкупните и локални и национални политики во државата, рече Османи.
Во однос на забелешките дека апликацијата ги враќа назад граѓаните кога ќе стигнат до матичниот број, Османи рече дека откако граѓаните ќе го внесат својот матичен број, следното прашање е името на државата, каде тие го пишуваат името на државата каде престојуваат, што не се вклопува со матичниот број кој е е од Република Северна Македонија.
– Во полето за држава се внесува Република Северна Македонија. Само тогаш системот ќе го препознае како матичен број од Република Северна Македонија. Досега, најголем проблем имавме во тоа недоразбирање, изјави Османи.
За растот на бројот на заразени од КОВИД-19 и дали тоа може да влијае на резултатите од пописот, Османи рече дека тој како МНР е надлежен да зборува за дијаспората, а за пописот овде е одговорен Државниот завод за статистика.
– Очигледно и процесот овде ќе ја опфати и дијаспората и ќе биде важно дали ќе имаме регуларен процес на попишување и овде во Република Северна Македонија. ДЗС се води според препораките од државната Комисија за
спречување на заразни болести и мислам дека ги има преземено сите мерки и протоколи за заштита на здравјето и на попишувачите и на граѓаните, кои што ќе бидат попишани, изјави Османи.
Имавме избори, нагласи Османи, во ситуацијата на зголемена бројка на заразани и веќе имаме одредено стекнато искуство како институциите треба да се организираат и постапуваат, што сега ќе се искористи.