Македонија по 12-ти пат се вклучува во акцијата Часот на планетата Земја

Милиони луѓе ширум светот виртуелно ќе се обединат во испраќање на заедничка порака за спас на планетата Земја на 27 март, кога ќе се одржи глобалната еколошка акција Часот на планетата Земја. Точно во 20:30 часот по локално време во мрак ќе потонат над 8.000 града во преку 180 земји ширум светот, а меѓу нив дел е и нашата држава. Земјава 12 години по ред активно учествува во еколошката акција за спас на Земјата, обединувајќи стотици илјади луѓе во едночасовниот глобален мрак.

Од канцеларијата на Часот на планетата Земја велат дека само почитувањето на правилата кои ги диктира природата е услов да го вратиме изгубениот баланс на Земјата.

Ѓорги Селков од локалната канцеларија на акцијата во Македонија, вели дека поради пандемијата, оваа година настанот ќе се одбележи виртуелно и повикува акцијата да ја префрлиме од улиците во нашите домови, со тоа што ќе ги исклучиме непотребните светилки во период од еден час.

– Полицискиот час во Македонија започна со одбележувањето на Часот на планетата Земја минатата година, и еве една година потоа, ние се уште сме во ситуација виртуелно да ги одбележуваме ваквите иницијативи. Работиме на уникатен онлајн настан, дигитална конференција за климатските промени, за која повеќе детали ќе објавиме во деновите кои следуваат. Секако, останува моментот на едночасовно исклучување на осветлувањето, па така во мрак ќе потонат повеќе локации во нашата земја, секако доколку не се зголемат или продолжат превентивните мерки против пандемијата со КОВИД-19 до 27 март. Повикот за акција важи и за граѓаните, па ги повикуваме масовно да го исклучат непотребното осветлување и во своите домови,  вели Селков.

Со докази кои упатуваат на тесна поврзаност помеѓу уништувањето на природата и светските пандемии како таа со КОВИД-19, Часот на планетата Земја и Светскиот фонд за природа (WWF) оваа година ќе го искористат светскиот едночасовен мрак да алармираат дека зачувувањето на природата и биодиверзитетот, намалувањето на ефектот од климатските промени и одржливото живеење се пресудни за нашата иднина на оваа планета.

Од Часот на планетата Земја – Скопје информираат дека глобалните истражувања покажуваат на тоа дека светот не успеал да ги исполни целите за зачувување на биодиверзитетот во 2020 година, и тоа се случува веќе 10 години по ред. Часот на планетата Земја како еколошка акција, велат, е клучна можност за поединците, невладините организации, бизнисите и сите други да ги повикаат светските лидери да го стават фокусот на зачувување на природата, како најважната алка за опстанокот на животот на Земјата.

– 2021 година е клучна година за човештвото. Додека светот се обидува да се опорави од пустошот на пандемијата со КОВИД-19 и да се изгради повторно, треба да ја ставиме природата во центарот на нашите напори за обновување за да ја осигураме нашата иднина на оваа планета. Часот на планетата Земја е критичен момент за поединците, лидерите и еколозите да се обединат и да повикаат на итни мерки за да се врати загубата на природата и да се обезбеди природен позитивен свет до 2030 година!, истакнува Марко Ламбертини, генерален директор на Светскиот фонд за природа (WWF).

Официјално беше објавен и рекламниот спот, во кој поддршка дадоа Црвениот крст на РСМ и Здружението на извидници на Македонија, како и голем број на познати личности, меѓу кои актерот Васил Зафирчев, зоологот Војо Иванов и водителите Ване Марковски и Јана Серафимова.

Инаку, во минатата деценија, Часот на планетата Земја инспирираше глобално учество во критични иницијативи за природата, климата и животната средина, помагајќи во кревање на свеста за проблемите со кои се соочува нашата планета. Изминатите години, движењето помогна во создавање на 3,5 милиони хектари заштитена морска област во Аргентина, шума од 2.700 хектари во Уганда и помогна да се донесе нова законска регулатива за заштита на морињата и шумите во Русија. Минатата година, WWF-Еквадор се заложи за закон за забрана за употреба на пластични кеси, други пластични еднократни производи и производи од стиропор во главниот град, додека пак WWF-Индонезија иницираше засадување на 20.000 садници од мангрови во 13 градови.

Започнувајќи како симболичен настан во Сиднеј во далечната 2007 година, Часот на планетата Земја сега се одбележува во повеќе од 180 земји и територии како глобален момент на солидарност за планетата.

Часот на планетата Земја е предводник на глобалното движење за животна средина на WWF. Започната во Сиднеј во 2007 година, Часот на планетата Земја стана еден од најголемите движења во светот за животната средина, инспирирајќи ги поединците, заедниците, бизнисите и владите во повеќе од 180 земји и територии ширум светот да преземат активности за спас на животната средина. Историски гледано, Часот на планетата Земјата во минатото се фокусираше на климатската криза, но од неодамна, се обидува да го донесе и нагласи прашањето за загубата на природата. Целта е да се создаде незапирливо движење за природата, препознавајќи ја улогата на поединците во креирањето решенија за најгорливите предизвици на планетата.

WWF е една од најголемите и најпочитуваните независни организации во светот за зачувување на природата, со над 5 милиони поддржувачи и глобална мрежа активна во над 100 земји. Мисијата на WWF е да се запре деградацијата на природната животна средина на земјата и да се изгради иднина во која луѓето живеат во склад со природата, со зачувување на биолошката разновидност во светот, осигурувајќи дека употребата на обновливи природни ресурси е одржлива.