„Политика“: Шовинизам за предизборни потреби во Бугарија

– „Вистинска шовинистичка фарса во режија на вицепремиерот и министер за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, го возбуди Балканот последните денови. Пред неполн месец, овој бугарски политичар и непоправлив шовинист, доктор по историски науки, ги нарече Србите „окупатори“ на Македонија и јавно се побуни против наводното зајакнување на српското културно влијание во таа земја, и уште еднаш деновиве се „прослави“, а по се судејќи и се засрами, пишува денешна „Политика“, јави дописникот на МИА од Белград.

-Тој им посака среќен 8-ми март на жените во Бугарија преку социјалните мрежи, објавувајќи честитка со силуета на мајка со дете и пораката: „Традиција, семејство, вредности“. Честитката беше нацртана и испишана на мапата на земја што не постои, односно на „Голема Бугарија“, на која беа припоени Северна Македонија, дел од Грција и јужна Србија, вклучувајќи ги Ниш и Врање, пишува во текстот белградска „Политика“.

Поради оваа честитка и објавената мапа што ја покажува непостоечката, а за многумина националистички и хегемонистички настроени Бугари и нереализирана држава „Голема“ или „Санстефанска Бугарија“, на постапката на бугарскиот министер за одбрана и вицепремиер на оваа земја официјално реагираше државниот врв на Северна Македонија и претседателот Стево Пендаровски, кој меѓу другото кажа „дека бугарскиот министер за одбрана го крши Договорот за добрососедство. Бројни реакции и спротивставувања на ваквите „идеи“ на бугарскиот политичар имаше и во Грција, наведува Политика.

Сосема е јасно дека Красимир Каракачанов „живее во концептот од 19 век“, кога имаше обиди териториите на Србија, Македонија и Грција да бидат во границите на „независна Бугарија“, кои остана неисполнет и неостварен сон за Софија. Весникот пишува дека во рамките на границите на Красимир, бугарските претензии кон српските и македонските територии беа реализирани само во два кратки периода и во најцрните години на 20 век, за време на Првата и Втората светска војна, кога како окупатори и со отворена намера за бугаризација на граѓаните, припадниците на бугарската армија извршија големи злосторства врз цивилното население, кои не се забораваат.

-По овој шовинистички излив на вицепремиерот и министер за одбрана Каракачанов, „Политика“ на бугарскиот Конзулат во Ниш, му постави неколку прашања за тоа како и во колкава мера ставовите на Каракачанов од честитката на 8 март, но и говорите пред тоа, како што се изјавите за Србите како „окупатори на Македонија“, влијаат на дипломатските односи меѓу Србија и Бугарија. Додека „Политика“ ги чека одговорите на ова бугарско конзуларна преставништво, доц. Д-р Дејан Антиќ од Филозофскиот факултет на Универзитетот во Ниш, познат српски историчар, за овој весник изјави дека на овие потези не треба да им се дава големо значење.

Потезите на Красимир Каракачанов треба да бидат ставени во контекст на предизборната кампања што се спроведува во Бугарија пред парламентарните избори закажани за април годинава и не треба да им се дава големо значење. Но, не треба да се молчи, и поради домашната и европската јавност, мора да се каже дека неговата реторика за прашањето за југот на Србија и Северна Македонија се заснова на историски фалсификати и фантазмагорија од невидени размери. Ниш и Врање никогаш не биле бугарски градови, освен за време на окупацијата во Првата и Втората светска војна, односно во периодот 1915-1918 година и 1941–1944 година, периоди на големи злосторства врз српското население од страна на бугарските вооружени сили, изјави д-р Антиќ.

Територијалните претензии над Србија често се чувствуваат во изјавите на бугарските политичари, вели овој научник, нагласувајќи дека станува збор за „фантазмагорија“.

-Факт е дека во Бугарија има политичари чијашто национална мисла и патриотизам се темелат на погрешната „Санстефанска идеја“, во која бугарскиот народ беше убеден на крајот од двете светски војни. Сепак, тоа не им пречи на членовите на бугарската ВМРО-БНД да ја искористат оваа утописка идеја заради собирање евтини политички поени, како што тоа го прават сега пред изборите во нивната земја. Затоа велам дека не треба да се обрнува посебно внимание на говорите на поединци, како што е Красимир Каракачанов, бидејќи ваквите воинствени изјави не придонесуваат за мир и стабилност на Балканот. Напротив, јасно е дека Србите и Бугарите треба да се свртат кон економската соработка и иднината, изјави доц. Д-р Антиќ за „Политика“.