“Бидејќи се надеваше на Мене,
и ќе го избавам, и ќе го заштитам,
зашто го позна името Мое.
Ќе повика кон Мене, и ќе го чујам;
со него сум во неволја, ќе го избавам и ќе го прославам,
ќе му дадам многу денови
и ќе му го јавам спасението од Мене”
(Псал. 90, 14-16)
Со силен и нескршлив дух низ сите векови, продолжува да живее храбриот и верен македонски светител, верен на Бога и на својата татковина Македонија, Светиот новомаченик Агатангел Битолски. Светата Православна Црква го прославува на 11 март. Живеел во осумнаесеттиот век, во времето кога грешниците со своето дволично срце зборуваа лага за да ги придобијат христијаните во својата муслиманска вера. Во тој период од турското петвековно владеење со македонските краишта, Агарјаните имале свиреп обичај за време на тридневното празнување на Бајрам, насилно да го потурчат секој христијанин што ќе го нашле. Сесилниот и Милостив Бог е далеку од нечесните, но ја слуша молитвата на праведните. Бог го благослови овој храбар Божји угодник и поттикнат од благодатта Божја, Св. маченик Агатангел Битолски појде во султанскиот сарај и храбро, со богомудри зборови пред турските големци се застапи да запре тоа насилно исламизирање на невините христијани на празникот Бајрам. Светителот успеа да се спогоди со Агартјаните првенци и тие според “законот приготвен за таа добра намера” го укинаа гонењето на христијаните на Бајрам. Но неколку Агартјани во Битола му се нафрлија на овој храбар Божји следбеник и успеаја да го погубат. Со тоа Бог ја откри вистинската верност на неговиот ревнител. Св. Агатангел чесно пострада бранејќи ја верата, признавајќи го Бога и не откажувајќи се од Него.
Секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред Мојот Отец небесен. А кој се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен.-зборува преку Светото Писмо Господ Исус Христос
Храбриот Македонскиот светител, Светиот маченик Агатангел Битолски пострада како маченик од Агарјаните во почетокот на 1727 година. Животот го завршил во големо мачеништво, а неговите свети мошти останале нераспадливи. Моштите на Св. Агатангел Битолски се благоухани. Моштите му биле погребени во Битолскиот Соборен храм.
Во Битолскиот Соборен храм „Свети Великомаченик Димитриј” пред неколку години, се украдени моштите (черепот) на Св. Агатангел Битолски. Черепот се чувал на Иконостасот, под иконата на Св. Великомаченик Димитриј, во споменатата црква. А само неколку години пред да биде украден черепот на светителот, игуменот на Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител”, архимандрит отец Партениј, по Божја промисла, спазувајќи ги црковните прописи, со благослов на Неговото Високопреосвештенство Митрополит Дебарско-Кичевски Тимотеј, добил дел од светите честици од черепот на Свети Агатангел, кои најсвечено биле примени од братството на манастирот Свети Јован Бигорски (со ѕвонење на камбаната, со црковни песни, со кадилници). Во моментот кога пристигнал игуменот со светите мошти во манастирот, монасите брзајќи да ги запалат жарчињата во кадилниците, светителот направил чудо, тој самиот им ги запалил.
По неколку години черепот од Битола бил украден. Владиката барал да се даде дел од моштите на черепот во манастирот Свети Димитриј во Битола. Игуменот на манастирот задржал дел од честичките на светителот за во манастирот Св. Јован Бигорски, а дел од нив најсвечено биле примени во црквата Св. Великомаченик Димитриј во Битола. И еве, колку се длабоки Божјите промисли. Ако игуменот Партениј не побарал да има дел од честиците од черепот на Св. Агатангел, Македонија ќе останеше без такво големо богатство, без таков голем дар од Бога. Овие свети чудотворни мошти имаат лековито дејство.