Целосно стоиме зад определбата за воведување на отпечатоци од прст на локалните избори, вели Заев

Како Влада целосно стоиме зад определбата за воведување на отпечатоци од прст при следните локални избори што ќе ја зголеми довербата на граѓаните во гласачкиот процес, а тоа го потврдивме преку финансиската определба да се плати системот за отпечатоци на прсти и да се спроведи транспонирањето на системот од МВР во ДИК за Државната комисија да има одговорност во спроведувањето и заштитата на личните податоци на граѓаните, порача денеска премиерот Зоран Заев.

-Верувам дека тоа ќе можеме да го спроведеме и не сакам никој да испраќа какви било пораки за страв од избори и постојано да се заканува дали ќе учествува на изборите или не. Сакаме сите да учествуваат на изборите и да направиме се што е можно и да се почитува она што е пракса во државата и што е барање на опозицијата –  Изборниот законик да го донесеме со консензус, најмалку од сите кои имаат претставници во ДИК, а ако е можно и од сите парламентарни партии. Изборниот законик се носи со консензус и ние ќе направиме се, но апелирам до сите да бидат креативни и да бидат со разум во аргументацијата, рече Заев во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Прашањето што во моментов е отворено, посочи, е што ќе се прави во ридско-планинските подрачја каде нема интернет и не може да се спроведе системот за отпечаток на прсти.

-Едната опција нуди таму да се оди со обичното – стандардното гласање, а другата опција е да се повтори гласањето онаму каде што се изгубил интернетот и не може да се спроведе и за толку да се одложи процесот на гласање или да се преповтори гласањето. Тоа е легитимна дилема од двете страни. За нас во СДСМ е прифатливо тоа што е прифатливо за сите, но тоа треба да биде прифатливо за сите во владејачката коалиција и за опозицијата, рече Заев и посочи дека треба да се најдат решенија за ваквите детали.

Дека ја прифаќаат идејата за отпечатоци на прсти на претстојните локални избори потврди и министерот за правда  Бојан Маричиќ, но како што рече, важно е идејата да биде спроведена како што треба и по сите процедури, како и да биде верификувана од Државната изборна комисија (ДИК) и МВР кое во моментов ги поседува информациите кои се потребни за ДИК да ги спроведе изборите на овој начин, но и од меѓународната заедница.

-Во рамките на Работната група за Изборниот законик веќе ги отворивме разговорите, а членовите на ДИК од сите партии направија заеднички напори и ги дефинираа законските одредби кои треба да ја допрецизираат опремата за отпечатоци од прсти за таа да може да се набави. Тие измени требаше да бидат поднесени во Собранието од страна на пратеници. Постои уште една точка за која се уште немаме постигнато согласност за тоа, а тоа е кои се алтернативните начини за верификација на идентитетот на гласачите доколку се случи по исклучок во некои места да не функционираат апаратите за отпечатоци на прсти. Дополнително ќе треба да се направат и пилот тестови на функционирање на овој систем за тој да може да биде ставен во функција, рече Маричиќ.

Во тек сме, посочи, и не отстапуваме од тоа, остануваме на определбата и верувам дека ќе успееме да се договориме доколку продолжи разумната комуникација со колегите од ВМРО-ДПМНЕ.

-Се тече по определен тек околу ова прашање се уште  постои дискусија и мислам дека ВМРО-ДПМНЕ избрзаа со тоа што го кажаа дека не постои волја за тоа што таа волја постои и бевме во секојдневна комуникација и се уште сме. Доколку сите постапиме и пристапиме разумно брзо ќе најдеме решение за да може овој концепт да се спроведе, рече Маричиќ.