Собранието на Република Северна Македонија денеска продолжи со работа по 26. Седница, а за 13 часот е најавено продолжување на 34. Седница. Претседателот на Собранието за денеска закажа продолженија на уште три седници – 20., 25. и 29. седница. Дополнително заседаваат и неколку собраниски комисии.
На продолжението на 26. седница пратениците дебатираа за Предлог на закон за дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, по скратена постапка, поднесен од пратениците од владејачкото мнозинство Панчо Минов, Даниела Маркоска, Лолита Ристова, Марија Георгиевска, Кастриот Реџепи, Арбер Адеми, Бедри Фазли, Мирослав Јовановиќ и Драгица Ѓавочанова.
Со дополнувањето на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа се додава нов член 22-а, со кој по исклучок од членот 22 став (2) од овој закон, сопствените приходи на основниот буџет на општината може да се планираат со пораст од најмногу 50% од просечно остварените приходи во последните три години, според податоците од трезорската евиденција.
Измената, како што посочија пратениците од владејачкото мнозинство, се прави со цел да се олесни работењето на општините во време на КОВИД-19, токму и затоа предвидено е одредбите од членот 22-а од овој закон да се применуваат во периодот од 1 јануари 2021 година до 31 декември 2021 година .
Пратениците од СДСМ сметаат дека дебатата на опозицијата е во контекст на претстојните есенски локални избори и не одговара на потребите на граѓаните.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека се работи за неквалитетно и штетно законско решение кое наместо бенефиции нуди можности за манипулации.
-Наместо денеска на дневен ред да го ставевте на дневен ред петиот сет мерки што толку го очекуваат граѓаните ние денеска повторно расправаме за закон по скратена постапка. Се научивме дека секогаш кога некаде гори, имаме употреба или на европско знаменце или на скратена постапка и тоа не е ништо ново, рече Ели Панова, од ВМРО-ДПМНЕ.
Според неа, во земјата гори заради тоа што актуелните градоначалници од СДСМ работат катастрофално и тоа, според неа, не е само констатација на опозоцијата туку и на самиот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев кој јавно кажа кои градоначалници ќе ги поддржи за следен мандат.
-Што е со другите, каде се тие? Вашите градоначаници се локални шерифи и не ја оправдаа довербата на грашаните. Во оваа изборна година вие решивте да направите три инстант решенија на закони со кои само ќе ја ублажите сликата, рече Панова додавајќи дека после овој закон сите општини ќе направат ребаланс на буџетите за градоначалниците да ги реализираат своите ветувања.
Собранието ќе треба да гласа по закони од 34. Седница, а потоа ќе продолжи дебатата по дополнувањето на Законот за финансирање на локалните самоуправи.