АД МЕПСО денеска започна со реконструкција на основниот 110 киловолтен далекувод од Штип до Овче Поле во дложина од 17,88 километри, вреден 1,41 милион евра што треба да биде готов до крајот на октомври годинава.
Официјалниот почеток на изградбата на далекуводот денеска го означија премиерот Зоран Заев и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски заедно со генералниот директор на МЕПСО Куштрим Рамадани и претставникот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) Анди Аранитаси.
-Всушност станува збор за изградба на нов далекувод на постојната траса од стариот далекувод што е во функција од 1960 година кој ги поврзува трафостаниците Штип и Овче Поле во должина од 17,88 километри, поставен на 71 столб од кои 55 се бетонски, а 16 се челично-решеткасти. Изградбата на новиот далекувод опфаќа отстранување на старите бетонски столбови и изградба на нови челично-решеткасти столбови, како и замена на опремата на постојните 16 челично-решеткасти столбови, односно замена на старите со нови проводници, заштитно јаже и изолатори, рече директорот Рамадани.
Станува збор, за како што рече, капитален проект во кој АД МЕПСО вложува 1,41 милион евра што е поддржан со средствата од заемот од ЕБОР.
-Со реконструкцијата на овој далекувод значително ќе се зголеми доверливоста и капацитетот на преносната мрежа во источниот дел од државата и на минимум ќе се сведат трошоците за одржување и ќе се намалат загубите во преносната мрежа. Со инвестицијата се поддржува зелената транзиција на производството на електрична енергија од јаглен кој обновливи извори на енергија (ОИЕ), бидејќи на овој далекувод во иднина ќе биде приклучена ветерната централа Богословец со моќност од 36 мегавати, рече Рамадани.
Аранитаси од ЕБОР посочи дека средствата за реконструкција на далекуводот се дел од заемот на банката до МЕПСО од 25 милиони евра со кои се предвидува рехабилитација на четири трафостаници и седум 110-киловолтни далекуводи низ државата.
-Заедно овие проекти ќе придонесат за намалување на техничките загуби, оптимизација на преносните системи во регионот со цел да се обезбеди доверливост на мрежата и сигурност во напојувањето, како и натамошна интеграција на ОИЕ, создавајќи можности за тргување, пренос на резервни капацитети, поддршка на системот, зголемување на прекуграничната размена на електричната енергија и развој на регионалниот пазар, рече Аранитаси.
Тој посочи дека ја поздравуваат посветеноста на Владата кон зеленото сценарио на Енергетската стратегија и постепеното затворање на термоелектраните во Осломеј и Битола и целосното исфрлање на јагленот од употреба за производство на електрична енергија.
Министерот Бочварски рече дека станува збор за значајна инвестиција за регионот која ќе придонесе за економски раст и развој.
-Со реконструкцијата испраќаме јасна порака до сите инвеститори дека е јакнеме преносната мрежа и создаваме поволен инфраструктурен амбиент за сите потенцијални инвеститори што сакаат да го искористат економскиот потенцијал на овој регион. Изградбата на овој далекувод е од огромно значење за стабилноста на електричната енергија во целиот регион каде има многу компании кои имаат потреба од сигурна и стабилна енергија, рече Бочварски.
Додаде дека реконструкцијата на далекуводот е дел од изнвестицискиот циклус од 100 милиони евра на МЕПСО за модернизација на преносната мрежа.
Потсети дека се инвестира во реконструкција и модернизација на шест далекуводи во должина од 130 километри, минатата година целосно се завршија, како што рече, и обемните реконструкции на трафостаниците во Валандово, Осломеј, Дуброво и Прилеп, а во тек е реконструкција на трафостаниците во Битола, Струмица, Вруток и Скопје 4.
-Круна на оваа голема инвестициска активност на МЕПСО е проектот за изградба на нов 400-киловолтен далекувод од Битола до Елбасан и нова трансформаторска станица во Охрид, вредни над 35 милиони евра за кои веќе се склучени договори и течат подготвителните работи, нагласи Бочварски и додаде дека Министерството за транспорт и врски дава континуирана поддршка на сите овие проекти.
Премиерот Заев истакна дека денешното отпочнување на реконструкцијата на далeкуводот е неопходно за енергетската транзиција и замена на јагленот со ОИЕ, особено во штипско-светиниколското подрачје кое нуди одлични можности за производство на електрична енергија од сонце и ветер.
-Со реализацијата на предвиденото ја јакнеме преносната мрежа и создаваме погоден инфраструктурен амбиент за сите потенцијални инвеститори кои можат и знаат како да ги искористат економските потенцијали во нашата земја. Инвестицијата ќе донесе придобивки за населението и за реалниот сектор. Новата и модернизирана преносна мрежа значи инвестиција во подобро утре и олеснување на животот и работата на населението, рече Заев и додаде дека низ цела земја се одвиваат активности за реализација на големи проекти за реконструкција на преносниот систем и за изградба на нови интерконектори со соседните земји со кои ќе се овозможи пренос на енергија од Бугарија до Албанија и Италија.
Врските со соседите, како што нагласи, значат електроенергетска стабилност што е основа за секоја просперитетна економија.
Посочи дека годинава ќе се заврши и реконструкцијата на трансформаторската станица Скопје 4, која како што кажа, е многу важен енергетски јазол од каде се напојуваат со електрична енергија потрошувачите во Скопје и oколината, а во завршна фаза е и проектот за релејна заштита на хидроцентралите Вруток, Тиквеш, Глобочица и Шпилје.
Владата, потенцира, ги поддржува заложбите за осовременување на нашата татковина во сите полиња, најголем фокус во овој период покрај здравството е создавање услови за економски развој на долг рок, а токму ваквите инвестиции како денешната, како што рече, се трајни добра и за идните генерации.