Севкупниот развој на државата во голема мерка зависи од квантитетот и квалитетот на нашите водни ресурси. Доколку не превземеме долгорочни мерки за нивна заштита, многу лесно можеме неповратно да ги изгубиме, рече претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на виртуелната конференција „Зелената агенда за Западен Балкан како поттик за заштита на водите во Република Северна Македонија“, во организација на Институтот за европска политика во соработка со Институтот за комуникациски студии, а во рамки на кампањата „Разбистри с ѐ!”.
Според некои проценки, рече претседателот Пендаровски, во државата се прочистуваат само околу 3 до 4 проценти од вкупното количество отпадни води од рударството и индустријата, а најголем дел од непрочистената вода се испушта директно во почвата, во реките, акумулациите, езерата и јавната канализација. Подеднакво сериозен проблем, според претседателот, е вадењето песок, чакал и камен од речните и езерските брегови и корита, што во отсуство на јасни критериуми и контролни механизми, како што рече, прераснува во de facto легализирано уништување на речните корита, информираа од неговиот кабинет.
– Постојат неколку причини за ваквото неодржливо управување со водите. Прво, ниското ниво на јавна свест и лична совест. Се уште доминира сфаќањето дека водата е ресурс што може неограничено да се троши. Ваквиот недомаќински однос е особено загрижувачки ако имаме предвид дека 11 проценти од вкупниот број на индивидуални домаќинства во Северна Македонија с ѐ уште немаат пристап до вода за пиење, рече претседателот Пендаровски.
Слаба алка во нашиот систем, според претседателот Пендаровски, е инспекцискиот надзор, кој оцени дека е нередовен и реактивен, поради законски недоречености и буџетски ограничувања.
– Поради овие наталожени системски недостатоци, надлежните институции со години наназад немаат реален увид во квалитетот и квантитетот на водите во Северна Македонија. Не се знае точно со колку површинска и подземна вода располагаме. Не се знае колку вода се црпи и испушта за наводнување и одвод. А без јасни податоци тешко е да се носат долгорочни одржливи политики и регулативи. Во ваква нејасна состојба, носењето одговорност е исклучок што го потврдува правилото дека прекршителите најчесто не се казнети. Во таков случај, цената ја плаќаат природата и ние граѓаните, истакна претседателот Пендаровски.
Според претседателот, климатските промени дополнително ги усложнуваат проблемите поради фактот што нашата држава се наоѓа во еден од климатски најранливите региони не само во Европа туку и во светот. Како особено загрижувачка ја посочи состојбата со Преспанското езеро.
– Доколку не преземеме долгорочни мерки за заштита на водните ресурси, многу лесно можеме неповратно да ги изгубиме. Затоа, проблемот со заштитата на водите не е дневнополитичко, туку егзистенцијално прашање, потенцира Пендаровски.
За да се разбистри ситуацијата со заштитата на нашите води, посочи претседателот, на надлежните институции им се непходни прецизни, но и ажурирани податоци.
– Потребна е хармонизација со европското законодавство, но, тоа е полесниот дел, затоа што е поважна имплементацијата што подразбира и редовен и превентивен инспекциски надзор, кој навремено ќе го санкционира секој обид за профитирање на сметка на животната средина и граѓаните. Една работа треба да ни е јасна – ова не го правиме за Брисел. Ова го правиме за нас, рече Пендаровски.
Ова прашање, според претседателот, има и надворешно политичка димензија, бидејќи вклучува и прекугранична соработка во управувањето со трите големи езера и големите реки што ги споделуваме со нашите соседи.
– Тоа значи дека заштитата на водите не е само внатрешно, туку и европско прашање. Зелената агенда е дел од Економскиот и инвестициски план за Западниот Балкан во вредност од девет милијарди евра. Европската Унија е подготвена да поддржи проекти за одржливо, рационално и ефикасно користење на ресурсите. Верувам дека се уште имаме доволно внатрешен потенцијал за да го решиме ова прашање, рече претседателот Пендаровски во обраќањето на конференцијата.