Во затворот со Теодор се јавиле мноштво ангели. Целиот затвор го осветлиле и пееле заедно со него. Стражарите потрчале кон вратите на затворот.
Виделе дека тие се заклучени и запечатени. Погледнале низ прозорецот и виделе многу луѓе (всушност тоа биле ангели), облечени во бело, како пеат заедно со Свети Теодор. Се исплашиле и го известиле за тоа намесникот Публиј.
Тој веднаш дошол пред затворот. Се уверил дека вратите се заклучени и запечатени.
Но кога слушнал дека некои луѓе внатре пеат со Свети Теодор, издал наредба вооружени војници да го обиколат затворот. Бил уверен дека внатре во затворот со Свети Теодор се наоѓаат и пеат некои христијани. Кога влегол внатре, го нашол само Теодор окован во вериги и клади. И намесникот и сите што биле со него ги опфатил страв. Излегле од затворот, ја заклучиле вратата и си отишле. Судијата изненаден од тоа необично чудо, наредил секој ден на Свети Теодор да му се дава парченце леб и малку вода. Но Свети Теодор одбил. Не сакал да прими ни вода, ни леб, зборувајќи им:
Мене ме храни мојот Господ и Царот Исус Христос.
Свети Теодор е роден во местото Хумиал, во амасијската област во Понт. Зборот “Тирон” значи “регрут” – војник. Живеел во времето на незнабожните цареви Максимијан Галериј и Максимин. Свети Теодор Тирон војувал на Исток и стапил во војска, во полкот Мармаритски, со кој командувал командантот Вринк. Тогаш почнало страшното гонење на христијаните од споменатите цареви. Незнабошците ги принудувале да принесуваат жртви на идолите.
Свети Теодор, вистинскиот Христов војник, јавно, пред целиот полк рекол: “Јас сум христијанин, и мене ми е наредено да не принесувам жртви на… боговите, зашто го имам Исус Христос, вистинскиот Бог и Цар на небото… Јас сум војник на Царот мој Христос, и не може да војувам за друг… Јас војувам за мојот Господ и небесен Цар Бог, и за Неговиот единороден Син.”
Командантот Вринк бил изненаден од храброста на Теодор. Свети Теодор го запалил идолиштето на мајката на боговите. Но некои луѓе го виделе Теодор дека го запалил идолиштето и го наклеветиле. Бил фрлен во затвор и изведен на суд. Му наредил да принесе жртва на боговите, во спротивно, ќе умре со страшна смрт. Бил фрлен во темница, каде му се јавиле мноштво ангели и Господ Исус Христос, Кој му рекол: “Не плаши се, Теодоре, Јас сум со тебе, не земај повеќе земна храна и пиење, оти ќе бидеш во другиот свет, вечниот и неминливиот, со Мене на небесата.”
Утредента судијата наредил Свети Теодор да го изведат пред него, на суд, но Свети Теодор и тогаш не се откажал од името на Исус Христос. Гледајќи дека не можат да го откажат од Христа, намесникот изрекол смртна пресуда: Наредувам Теодор да биде запален во оган, затоа што не се покори на власта на славните цареви и големи богови и затоа што верува во Исус Христос, распнат во времето на Понтиј Пилат, како што кажуваат Евреите.
Значи, бил осуден со смрт со запалување и бил запален на клада во 306 година. (Датумот на празникот се менува во зависност од празникот Велигден).
Тогаш некоја набожна жена по име Евсевија, измолила да & се даде телото на овој славен маченик, го помазала со мириси, го обвиткала во чиста плаштаница и го положила во гроб во својот дом, во градот Евхаит.
Од историјата е познато дека после царот Константин Велики (кој царувал од 306 до 337 год.), се зацарил неговиот син Констанциј, (кој царувал од 337 до 361 год.), а потоа Јулијан Отстапник (кој царувал од 361 до 363 год.). Јулијан Отстапник бил така наречен поради тоа што бил христијанин, а подоцна, кога станал цар се откажал од Христа. Лукавиот Јулијан Отстапник одлучил тајно да ги оскверни христијаните. Знаејќи колку им значи Великиот Пост, особено првата недела од Постот, кога некои и се причестуваат, царот го повикал градскиот епарх (намесник) во Цариград и му наредил да се собере и да се отстрани сета храна што се продавала на пазарите. Наместо таа храна, да се изложат на продавање други производи, леб и пијалаци, кои претходно тајно ќе бидат напрскани и осквернети со крв од идолските жртви. На тој начин христијаните, купувајќи ги тие намирници во време на Светиот Пост, ќе бидат осквернети со идолски жртви. Градскиот епарх веднаш ја извршил наредбата на беззакониот цар. Ги изнесол на сите пазари производите осквернети со крв од идолските жртви (попрскани со крв од жртвите принесувани на идолите).
Но Бог, Кој се знае и се гледа, решил да ја уништи лукавата тајна на злочинецот Јулијан Отстапник. Бог, на цариградскиот архиепископ Евдоксиј (кој бил архиепископ од 360 до 370 год.), му го испратил Светиот Великомаченик Теодор Тирон. Тој дошол кај овој архиереј на јаве, не на сон и му рекол: Оди веднаш и повикај го Христовото стадо и нареди им строго никој да не купува ништо од производите што се изложени по пазарите, зашто по наредба на безбожниот цар, сите се осквернети со крв од идолските жртви. Затоа, наместо тоа, цела недела да јадат пченица со мед.
Архиерејот го прашал својот посетител, кој е тој што така размислува за христијаните. Светителот му одговорил: Јас сум Христовиот маченик Теодор; Тој ме испрати сега кај вас за помош. Откако го рекол тоа, светителот станал невидлив. Архиепископот ги повикал сите христијани и ги известил за тоа што видел и чул. Христијаните цела недела јаделе жито и така останале неосквернети, неиспоганети.
Христијаните, во саботата на првата Великопосна седмица, со варена пченица со мед, го отпразнувале свечено споменот на Свети Великомаченик Теодор. Со тоа му заблагодариле на Бога, а и го прославиле Божјиот слуга Свети Теодор. И оттогаш, па се до ден денес, православните христијани од целиот свет ја прославуваат првата сабота на Великиот Пост, во спомен на ова необично чудо, кога Бог го испратил Свети Великомаченик Теодор да му помогне на христијанскиот род. Во очи Тодорова Сабота, во Светата Православна Црква се дели света пченица за христијаните да си понесат во својот дом, а утредента на самиот ден посветен на Свети Великомаченик Теодор, се врши свечена Божествена Литургија и Света Причест.