Во текстилниот сектор лани без работа останале 6783 лица

Пандемијата скрати 6783 работни места во текстилниот сектор, покажа анализата на истражувачкиот тим на Здружението за истражување и анализа (ЗМАИ)-Скопје. Податоците покажуваат дека  дека вкупниот број  нови невработени лица во 2020 година во однос на 2019 година се зголемил за 128 отсто.

-Конкретно, во 2020 година има 6783 нови невработени лица. За споредба, во 2019 година имало 2971. Истовремено, процентот на невработеност кај младите е значително повисок во однос на останатите години. Дури 15 проценти од младите учествуваат во невработеноста. Сознанијата покажуваат дека речиси во сите општини бројот на нови невработени лица по основ на одјавување од задолжително социјално осигурување кои доаѓаат од текстилната индустрија се зголемува, се вели во анализата на ЗМАИ.

Нивното истражување покажува дека пет општини со највисок пораст на невработеноста се: Штип, Тетово, Скопје, Прилеп и Куманово. Во овие пет општини  текстилната индустрија е и најразвиена и има најмногу активни субјекти во овој сектор. Кај младите лица до 29 години, бројот на невработени, исто така, се зголемува. Петте општини со највисок пораст на невработеноста кај младите се: Штип, Струмица, Радовиш, Прилеп и Кочани.

– Најчест основ за прекинување на работниот однос во текстилната индустрија, во последните пет години е истекот на определено време. Во 2020 година овој основ бележи раст од 123 отсто. Во овој период најголем раст за раскинување на договорот за вработување е присутен кај основот отказ на работодавачот и истиот изнесува 174 проценти, се наведува во истражувањето на ЗМАИ.

Кристина Ампева од „Гласен текстилец“-Штип вели дека за време на пандемијата на работниците постојано им апелираат да внимаваат што потпишуваат. Доколку работникот се потпише на сподгодбен отказ, ништо не им следува, а тие како невладина која ги застапува работничките права ништо не можат да направат, ниту пак да ги заштитат.

Анализата на ЗМАИ покажува и дека најчестата причина за престанок на работниот однос во текстилната индустрија кај младите до 29 години, пред и за време на кризата, е истекот на определено време. Порастот на овој основ во 2020 година во споредба со 2019 година е 165.5 проценти. Сепак, најдоминантен пораст за престанок на работниот однос во 2020 во споредба со 2019, бележи основот отказ од работодавачот со пораст од 234 отсто, а потоа следува основот отказ од самиот работник, со пораст од 225 проценти.

Текстилството вработува над 30 000 луѓе во држвата, а во вкупниот извоз учествува со 10 проценти. Анализата на ЗМАИ е направена во рамките на проектот „Одговор на социоекономските ефекти од КОВИД-19 преку поддршка на ранливите групи на нископлатени работници, работници кои се дел од неформалната економија и привремено вработени работници”.

Проектот го спроведува конзорциум од шест организации составен од: Институт за економски истражувања и политики Finance Think – Скопје; Здружение за истражување и анализи ЗМАИ -Скопје; Аналитика – Скопје; Здружение Гласен текстилец – Штип; Здружение за унапредување и заштита на правата на работниците Достоинствен работник – Прилеп; и Здружение за рурален развој ЛАГ Агро Лидер – Кривогаштани, со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.