Собранието на Република Северна Македонија не се знае кога ќе ја одржи првата наредна седница. Претседателот на законодавниот дом Талат Џафери денеска на средба со новинарите не прецизираше кога ќе ја закаже новата седница, а последната што започна и не беше изгласан дневниот рд поради немање кворум беше на 16-ти февруари.
Причини за неможноста да се одржи седница има неколку, и тоа недоаѓање на сите пратеници од владејачкото мнозинство – СДСМ и ДУИ на седниците поради коронакризата или други лични причини, проблемот во пратеничката група на ДУИ, како и противењето на опозициските партии да присуствуваат на седниците и да прават кворум за работа на Парламентот.
Џафери на денешната средба со новинарите најави разврска на ваквите случувања во Собранието, особено за намерно недоаѓање на седниците од страна на пратениците од владејачкото мнозинство односно поконкретно од пратеничката група на ДУИ.
-Сите пратеници имаат обврска да дојдат на работа, а калкулациите се друга работа. Мислам ќе има разврска, рече Џафери, потврдувајќи на прашање дека тоа се однесува и за проблемот во пратеничката група на ДУИ, но и воопшто.
Претседателот на Собранието потенцира дека навреме ги информира пратениците за доставените закони и за одржувањето на седниците, а се друго е лична одговорност.
– И Деловникот и Уставот е таков, пратеникот не може да се повикува на одговорност за начинот на работа и општење по однос на функцијата. Пратеникот може самиот да се изјасни како ќе настапува понатаму. Е сега никој не кажува дека од ДУИ некој излегува како самостоен или независен. Тоа право го има секој од пратениците. Тоа не може никој да го казнува. А од друга страна да делувам како пратеник од таа пратеничка група, а да не доаѓам, е тоа веќе е лична одговорност, рече Џафери.
На првата наредна седница на дневен ред покрај законските текстови и годишни извештаи, ќе бидат ставени и двете интерпелации поднесени од опозоцијата за министерот за правда Бојан Маричиќ и вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски. Вчера Алијанса на Албанците и Алтернатива поднесе интерпелација за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, по случајот со Сашо Мијалков.
Претседателот на Собранието потврди дека ги добил известувањата од пратениците од ЛДП, Моника Зајкова и Боби Мојскоски, и од Павле Трајанов од ДС дека ќе делуваат независно од пратеничката група која ја предводи СДСМ, но рече дека нема најави или пак формално известување дека ќе се формира нова пратеничка група.
Во понеделник, како што соопшти тој, ќе се одржи првата средба на работната група за измени или за нов Деловник во рамки на процесот Жан Моне. На таа прва средба треба да биде утврдена методологијата за работа.