Донација од Јапонската амбасада за кумановската болница

Со помош на Јапонската амбасада ќе биде набавен дигитален апарат за ултразвук за интерното одделение во кумановската болница. Договорот за грант беше потпишан денеска од страна на јапонскиот амбасадор Хиронори Савада и директорката на болницата Снежана Захариева.

Кумановската болница ќе добие 54.049 евра за реализација на проектот за подобрување на медицинските услуги со кој ќе се подобри квалитетот на здравствената нега и ќе се скрати времето за преглед на близу 200.000 пациенти од североисточниот регион.

-Се надеваме дека новиот дигитален апарат за ултразвук ќе овозможи висококвалитетна здравствена нега, ќе го зголеми бројот на прегледани пациенти на годишно ниво и ќе го намали времето за чекање за преглед на граѓаните од Куманово и регионот што го опкружува, повеќе од 200.000 пациенти. Програмата има долга историја во Северна Македонија, уште од 1996 година благодарение на прекрасните партнерства со многу соработници од земјава успешно се имплементирани 148 проекти од кои 47 се посветени на медицински институции. Заклучно со минатата година поддршката изнесува преку седум милиони евра, рече амбасадорот Савада.

Директорката на болницата рече дека со овој апарат ќе се изврши комплетна дијагностика на пациентите на интерното одделение. Таа посочи дека претходно Јапонската амбасада донирала и возило за транспорт на пациенти и апарат за анестезија.

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски се заблагодари на донацијата, додавајќи дека помошта што ја добива болницата од јапонскиот народ е значајна во борбата против пандемијата.

-Се надевам дека сите ќе излеземе како победници од оваа пандемија и ќе соработуваме на други проекти како партнери, рече Димитриевски.