Во просториите на Технолошко-техничкиот факултет во Велес е отворен Прехранбено-технолошки центар за развој на иновативни продукти. Центарот е дел од проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“. Поддржан е од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка, во вредност од 2.169 000 денари.
Тој е опремен со лабораториска опрема на која сите заинтересирани актуелни студенти и дипломирани ќе можат да ги усовршуваат и продлабочуваат своите стручни знаења и претприемачки потенцијали за отворање на сопствен бизнис. На автоматизираната опрема ќе се анализираат суровините и прехранбените намирници, ќе се одредува количина на протеини, масти и вода во продуктите.
На свеченото отворање денеска присуствуваа министерот за локална самоуправа Горан Милевски, амбасадорката на Швајцарија,Сибил Зутер Техада, градоначалникот Аце Коцевски и претставници од Центарот за развој на Вардарскиот плански регион.
–Беше задоволство да се види опремата и лабораторијата бидејки тука конкретно студентите ќе можат од прва рака на конкретни примери да го унапредуваат своето знаење, изјави амбасадорката Сибил Зутер Техада.
Деканот на Технолошко Техничкиот факултет Татјана Калевска појасни дека воспоставувањето на Прехранбено-технолошкиот центар ќе резултира со зголемена понуда на нови прехранбени производи со посебни нутритивни и функционални карактеристики, произведени според барањата на современиот потрошувач, кои ќе придонесат за зголемување на конкурентноста на компаниите на домашниот и странскиот пазар.
–Во прехранбено-технолошкиот центар можат да се добијат и стручни совети за поттикнување на иновативните производи особено во прехранбениот сектор, лабораториски анализи на суровини и прехранбени производи, стручна помош при подготовка на проектни апликации, совети од секојдневната пракса при имплементација на иновативната технологија , информира Калевска.
Игор Андреев раководител на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион информира дека
Центарот претставува долгорочен стратешки инструмент за поддршка на регионалниот економски развој и конкурентноста во Вардарскиот плански регион преку продлабочување на соработката помеѓу бизнис заедницата од прехранбениот сектор и факултетот ,информира
–Драго ми е што, успеавме да го имплементираме овој проект, од кој бенефит ќе имаат фирмите во регионот. Особено е важна поддршката за компаниите во прехрамбениот сектор, во пост-ковид периодот, во кој треба да зборуваме за реален раст, а не само за преживување. Раст, кој е возможен само преку иновации и понуда на нови производи, согласно потребите на новите генерации потрошувачи ,потенцира Андреев.