НБ: Девизните резерви во сигурна зона, домашната економија со поповолни движења

Девизните резерви се во сигура сона, а расположливите податоци за последниот квартал од 2020 година упатуваат на поповолни движења во домашната економија, оценува Народната банка во објавената месечна информација.

-Последните макроекономски показатели и оцени упатуваат на одредени отстапувања во однос на проектираната динамика, но согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се главно непроменети во однос на претходните оцени. Девизните резерви и натаму се во сигурната зона. Остварувањата заклучно со крајот на 2020 година се подобри од очекувањата, а остварувањата заклучно со јануари ја одразуваат динамиката на раздолжување на државата кон странство и сѐ уште слабата понуда на девизи поради пандемијата. Падот на економската активност во првите три квартали од 2020 година е во рамките на очекувањата од октомвриските проекции, при значително забавување на падот на бруто домашниот производ (БДП) во третиот квартал. Расположливите високофреквентни податоци за последниот квартал од 2020 година упатуваат на поповолни движења во домашната економија во споредба со претходниот квартал и на натамошно забавување на падот на БДП, согласно со очекувањата, стои во информацијата на Народната банка.

Во однос на инфлацијата, наведуваат дека остварувањата во јануари 2021 година се во согласност со проектираните, при што и натаму е нагласена неизвесноста од движењето на светските цени на примарните производи во следниот период и нивното влијание врз домашните цени, согласно со сѐ уште неизвесните економски ефекти од пандемијата на ковид-19.

Во рамките на монетарниот сектор, годишниот раст на депозитите во декември е над проектираниот за четвртиот квартал на 2020 година, со октомвриската проекција, додека годишниот раст на кредитите е во рамките на проектираното ниво.

Во информцијата стои дека во првите три квартали на 2020 година, во просек, економијата бележи реален
пад од 5,9 отсто, што е во согласност со очекувањата. Тековно расположливите високофреквентни податоци за четвртиот квартал од 2020 година упатуваат на поповолни движења во домашната економија и поумерени негативни ефекти од здравствената криза во споредба со претходниот квартал, во услови на релативно брзо закрепнување на производството и извозот вклучени во глобалните синџири на снабдување, постепено приспособување на однесувањето и навиките на субјектите кон новонастанатата состојба, како и примена на целни и помалку рестриктивни мерки за справување со вториот бран на Ковид-19 и мерки за поддршка на економијата.

Според Народната банка, податоците за овој период, во просек, покажуваат натамошно забавување на годишниот пад на индустријата (во декември беше забележан и годишен раст, првпат од појавата на
пандемијата) и на прометот во вкупната трговија, како и забрзување на растот во градежништвото, при натамошни неповолни движења кај прометот во угостителството.

Во однос на промените кај потрошувачките цени, стои во информацијата дека остварената годишна стапка на инфлација во јануари 2021 година од 1,9 отсто и е во согласност со очекувањата според октомвриската проекција.

Девизните резерви (приспособени за ценовните и курсните разлики и ценовните промени на хартиите од вредност) на крајот од 2020 година изнесуваa 3.359,9 милиони евра, што претставува годишен раст од 98,4 милиони евра кој во најголем дел произлегува од трансакциите за сметка на државата, поконкретно од задолжувањето на државата во странство, додека Народната банка интервенира на девизниот пазар со нето-продажба на девизи.

Останатите текови според Народната банка се позитивни, но со поумерени ефекти.

Податоците за менувачкото работење заклучно со крајот на 2020 година се малку повисоки од проектираните за годината. Последните расположливи податоци за јануари 2021 година и понатаму укажуваат на соодветно ниво на девизните резерви. Расположливите податоци за нето-откупот од менувачко работење, заклучно со крајот на јануари упатуваат на можност за остварување малку пониски нето-приливи од приватните трансфери од проектираните за првиот квартал од 2021 година. Сепак, сметаат од НБ, податоците се расположливи за краток временски период и не се доволни за изведување попрецизни заклучоци.