Јавното претпријатие „Стрежево“-Битола ќе гради фотоволтаична централа која ќе биде лоцирана на браната кај акумулацијата и со моќност од 500 киловати.
На прес – конференција во Битола, генералниот директор на тоа прептријатие Методија Граматковски најави и изградба на помошен објект во скијачкиот центар „Нижо Поле“.
-Минатата 2020 година беше исклучително тешка година поради пандемијата, но сите активности кои се реализирани се резултат на залагањето и работата на вработените. И во услови на пандемија, претпријатието инвестираше во нови проекти, а вкупните инвестиции од околу 40 милиони денари беа реализирани исклучиво од сопствени финансиски средства. Минатата година вложивме во водостопанската инфраструктура во атарот на општината Могила за што беа инвестирани 20 милиони денари, потоа извршивме модернизација и обновување на возниот парк на ЈП Стрежево за што вложени се 6,5 милиони денари, а саниравме и повеќе аквадукти од алиментациониот канал во вредност од над три милиони денари, информира Граматковски.
Со владина одлука прифатена е годишната инвестициона програма на јавното претпријатие „Стрежево“ за 2021 година со што е овозможено претпријатието да гради фотоволтаична централа, но и други капитални објекти.
-Оваа година најголема и најзначајна инвестиција ќе биде изградбата на фотоволтаична централа на Брана со снага од 500 киловати, а во наредниот период можеме да изградиме уште една фотоволтаична централа со иста моќност за што од Mинистерството за економија имаме дозвола за изградба до 1000 киловати. Вредноста на оваа инвестиција е околу 21 милион денари сопствени средства. Во оваа година ќе инвестираме 1,5 милиони денари за помошен објект во ски ценатарот „Нижо Поле“ каде ќе биде изградена Чајџилница како современо и привлечно место со одличен комфор и топлинска изолација во зимски услови. Исто така подготвуваме јавна набавка на проектно-техничка документација за реализација на проектот „Заснежување на ски патеките со топови за снег”, а ќе инвестираме и во рехабилитација на деталната цевководна мрежа со износ од околу 20 милиони денари, во градежна механизација со износ од околу 10 милиони денари, инвестиции во Главниот и Собирниот канал и други помали инвестиции, нагласи Граматковски.
ЈП „Стрежево“-Битола подготвени се за реализација и за други витални проекти значајни за градот и Пелагонија кои ќе овозможат ефикасно и економично работење во услови на пандемија и со исти цени затоа што како што истакна генералниот директор Методија Граматковски –цената на водата за сите водокорисници од земјоделството, индустријата и за водоснабдување на население во 2021 година останува непроменета, односно цената на водата ЈП Стрежево-Битола нема да ја зголеми.