Вакцинацијата во земјава во тек, ќе се набават дополнителни 100.000 вакцини „Спутник“

Државата ќе порача дополнителни 100.000 вакцини „Спутник“, со што би се надополнил севкупниот план за вакцинација, додека неделава се очекуваат и првите информации за вакцини од Европската Унија, од директниот договор со „Фајзер“ и од Ковакс механизмот, а неделава се очекуваат и вакциналните дози од Кина.

Во земјава во тек е вакцинирање на првата група – здравствените работници што работат во ковид центрите. Близу 95 илјади граѓани се пријавени преку сајтот vakcinacija.mk или преку матичните лекари, од кои 44 илјади се граѓани на возраст над 70 години со хронични болести, што се во прва приоритетна група на граѓани која треба да бидат вакцинирани по медицинскиот кадар.

Вакцинацијата во земјава почна во средата со првата пратка од 4.680 вакцини „Фајзер“ што ги добивме од Србија и досега се вакцинирани 850 здравствени работници.

Премиерот Зоран Заев вчера потвди дека ќе се набават дополнителни 100.000 вакцини „Спутник“.

– Во координација со министерот за здравство синоќа добив информација дека имаме капацитет, согласно планот за предвидување, склучените договори и платените аванси, да направиме дополнително и 100.000 дози нарачка од следна вакцина, којашто би го надополнила севкупниот план, а не би предизвикало да останат вишок вакцини согласно планот на Министерството за здравство. Така што да одговорам на прашањето, да, би нарачале од „Спутник“, бидејќи има капацитет од дополнителни 100.000 дози, да се направи порачка и од таму. Се што постои од вакцина, направивме нарачки, договори, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на компанијата ТАБМАК во Пробиштип.

Бројот на активини случаи на заразени со КОВИД-19 во земјава, според вчерашните податоци, е 7 822, откако во претходните 24 часа беа регистрирани 254 нови случаи од направени 2 160 тестирања. Најголем број активни случаи има во Скопје и тоа 2 973, Кавадарци 486, Прилеп 483 и Охрид 402.

Потоа следат Тетово со 234, Делчево 233, Велес 227, Куманово 213, Струга 176, Струмица 159, Битола 140, Гевгелија 134, Неготино 132, Гостивар 122, Штип 98, Ресен 68, Кичево 61, Крива Паланка 53, Кочани и Крушево по 48, Дебар 43, Радовиш 40, Кратово и Демир Капија по 33, Берово 32, Свети Николе 24, Пробиштип и Валандово по 23, Виница и Богданци по 22, Демир Хисар 13, Дојран девет, Македонски Брод седум, Македонска Каменица пет и Пехчево три активни случаи.

Според податоците од Министерството за здравство, вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 626 и има околу 430 празни болнички кревети во ковид центрите.

Од почетокот на епидемијата вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја изнесува 99.285, од кои оздравени се 89.400 и 3.063 починати.

Лекарската комора вчера предпреди дека една третина од пациентите со Ковид 19 имаат нарушена црнодробна функција, а оние кои имаат цироза на црниот дроб за 32 отсто имаат поголеми шанси за смртен исход од вирусот.

– Оштетување на црниот дроб кај заболен од Ковид 19 може да настане поради директно токсично дејство на самиот вирус или преку имунолошки механизам познат како цитокинската бура. Црниот дроб страда и кога не добива доволно кислород (хипооксија) во случаите на нарушена работата на срцето и на белите дробови, но тој може да се оштети и од лековите кои се даваат во третманот на Ковид-19, како што се антипиретиците и антивирусните лекови. Вирусот кај пациентите со хронична болест на црниот дроб може да предизвика нејзина значителна прогресија и влошување, наведува Лекарката комора.

Според д-р Бети Тодоровска од Клиниката за гастроентерохепатологија, Ковид-19 најчесто предизвикува хепатоцелуларно оштетување на црниот дроб, при што се зголемуваат трансаминазите (AST, ALT), а поретко се работи за холангиоцелуларна оштета, при што се покачуваат холестатските ензими (GGT, ALP).

– Научните истражувања покажуваат дека пациентите кои имаат неалкохолно замастен црн дроб и кои се заразени со Ковид-19 имаат стабилен тек на болеста во 80 отсто од случаите, но оние кои имаат и покачен крвен притисок, дебелина или дијабетес мелитус тип 2 развиваат потешка клиничка слика на Ковид-19. Оваа категорија на пациенти се повеќе склони и кон појава на оштетување на црниот дроб предизвикано од лекови. Пациентите со црнодробна цироза имаат за 32 отсто зголемен ризик од смртен исход од Ковид-19, предупреди Лекарската комора.