Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во видео формат учествуваше на Јадранскиот Форум за инфраструктурно меѓуповрзување при што имаше воведно обраќање на Панелот на тема „Јадранско-јонскиот коридор и Ориентот – Источно/медитеранска мрежа (Коридор 8) во рамките на процес на ревизија на Траневропските транспортни коридори“.
-Поврзувањето и градењето на инфраструктура за непречен транспорт, енергија и дигитална инфраструктура во нашиот регион би значело огромна придобивка за поврзување на луѓето и економиите внатре во самиот регион, но и нивно поврзување со земјите од ЕУ. Зголемување на поврзаноста претставува најдобар рецепт за развој преку подобрување на конкурентноста, создавање на работни места и привлекување на инвестиции, истакна Османи.
Како што соопшти МНР, Османи ја претстави и „Иницијатива 8“ која претставува политичка платформа за интензивирање и продлабочување на соработката која е од стратешки интерес за трите земји кои се вклучени, односно Северна Македонија, Албанија и Бугарија.
-Патната и железничката инфраструктура на Коридорот 8, помеѓу Северна Македонија, Бугарија и Албанија претставува многу важен проект кој е од интерес, не само на овие три земји од Балканскиот полуостров, туку и за целиот Европски континент, рече Османи.
Главната цел на Форумот беше ставање на фокус на транспортната поврзаност и евентуалните можности кои би произлегле од натамошниот развој и интеракција помеѓу Агендата за меѓуповрзување и Јонската макро-регионална зона; пресек на западно-јужната рута на Јадранско-Јонскиот коридор со источно-западната рута од Црното море до италијанските јадрански региони, како и подобрување на условите за непречен транспорт на добра и луѓе од истокот кон срцето на Европа и обратно.