Османи во Белград на средби со Брнабиќ и Дачиќ

Министерот Бујар Османи во рамки на посетата во Србија  реализираше одвоени средби и со претседателот на Народното Собрание Ивица Дачиќ, како и со претседателката на Владата, Ана Брнабиќ.

На средбата во Владата, соопшти Министерството за надворешни работи, Османи ја пренесе подготвеноста за реализација на Третата заедничка седница на двете влади, како дополнителен позитивен импулс за натамошниот развој и интензивирање на односите и севкупната соработка меѓу двете земји.

-Убеден сум дека заедничката седница на Владата ќе претставува потврда на блиските односи, но и одлична можност да се интензивираат иницијативите за поголема соработка во економијата, инфраструктурата, енергетиката, како и сите останати аспекти кои ја детерминираат динамиката на односите меѓу двете земји, изјави за време на разговорите Османи. Беше направен осврт и на политичките и економски односи и соработка, регионалната соработка и ЕУ интеграциите. 

Во рамките на посетата на Парламентот на Србија, Османи беше примен од претседателот на Народното Собрание, Ивица Дачиќ, каде се разговараше за интензивирање на интер-парламентарната соработка, при што беа посочени бројни можности за унапредување на истата меѓу највисоките законодавни тела, преку конкретни и заеднички активности помеѓу групите за пријателство во парламентите на Северна Македонија и Србија.

Во рамките на работната посета на Белград Османи оствари средба и со претседателот Вучиќ, како и својот хомолог Никола Селаковќ.вНа маргините на посетата на Белград, Османи даде интервју и за реномираниот дневен лист Политика.