Следните чекори на европскиот пат на нашата земја, вклучувајќи го и усвојувањето на Преговарачката рамка и одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ, беа главните мина на денешниот телефонски разговор на министерот за надворешни работи Бујар Османи со неговиот чешки колега Томаш Петжичек.
Како што соопшти МНР, на состанокот станало збор и за севкупните постигнувања на земјата во изминатиот период, како на домашен, така и на планот на унапредување на регионалните, а пред се на добрососедските односи.
– Поддршката на Чешка е гласна и принципиелна. Се согласивме дека патот до ЕУ треба да биде преку прогрес, а билатералните спорови не треба да бидат пречка, туку причина плус за европската интеграцијата, истакна Османи.
Министрите Османи и Петжичек се осврнаа и на билатералната соработка, а беше нагласена и потребата за поголема динамика во меѓусебните економски и трговски односи.
Денешната средба меѓу Османи и Петжичек, посочи МНР, доаѓа два месеци по нивната средба во Прага, во рамките на дипломатската турнеја на шефот на македонската дипломатија низ земјите членки на Европската Унија и неговите напори преку континуиран политички дијалог и соработка да го афирмира прогресот на земјата и потребата од ефектуирање на мартовската одлука за старт на преговорите со ЕУ.