Агенцијата за заштита на лични податоци (АЗЛП) е вклучена во подготовките за пописот на населението што треба да се одржи од 1 до 21 април, а сите попишувачи ќе поминат обука како да ги заштитат податоците на лицата што ќе ги попишуваат. Истовремено и Државниот завод за статистика, согласно обврските, презема соодветни мерки за заштита на податоците на граѓаните од евентуални злоупотреби.
-Веќе одржавме два состаноци со Државниот завод за статистика, вчера на 15 февруари, на највисоко ниво со директорот на ДЗС и со претставници од неговиот тим. Договорен е следен состанок утре на техничко оперативно ниво во однос на совети што ние ќе ги дадеме, кои технички и организациски мерки ќе треба да ги примени ДЗС, а се во насока на обезбедување на правилна обработка на личните податоци и превенција од евентуална нивна злоупотреба. Дополнително е договорено, бидејќи согласно Законот за попис една од обврските на ДЗС е и да испорача обуки во кои, меѓу другото, во курикулумот е опфатен и сегментот на заштита на лични податоци. Од тие причини е договорено на 2 март наши претставници од Агенцијата да одржат обука на нивните обучувачи, кои понатаму ќе го споделат стекнатото знаење до сите попишувачи, изјави за МИА Игор Кузевски, заменик-директор на Агенцијата за заштита на лични податоци.
На утрешниот состанок, како што најави, ќе се разговара за техничките мерки што ќе треба да се применуваат во апликативните решенија за обработка на податоците при попишувањето за да се превенира евентуален ризик од некакви закани, кои би можеле да направат компромитација на системот.
За време на обуката планирана на 2 март, меѓу другото, Кузевски вели дека во фокусот ќе биде креирањето лозинка на преносниот компјутер со којшто ќе се врши попишувањето, која треба да биде „лесна за памтење, а тешка за пробивање“, и како да се најавуваат во системот во делот за заштита на лични подтоци.
-Бидејќи сите попишувачи ќе имаат преносен компјутер – лаптоп заради контролата на пристап од потенцијални закани, како што се губење на лаптопот и кражба на лаптопот и заборавање на лаптопот дома, или симулирање на заборавање или кој било друг случај, да може да се направи контрола со пристап со лозинка која ќе гарантира таканаречен прифатлив ризик за некакви потенцијални закани. Она што ќе се испорача како фокус на обуката ќе биде токму тоа на тие луѓе да им се подигне свеста како да изгенерираат лозинки што ќе бидат тешки за пробивање а лесни за памтење и како да се најавуваат во системот во делот за заштита на личните податоци. Тука не зборувам за техничкиот дел, тоа си е работа на ДЗС, потенцира Кузевски.
Во Законот за попис глава 9 ја уредува материјата за заштита на лични податоци, во која точно пишува кои мерки треба да ги преземе Државниот завод за статистика.
Кузевски посочува дека дека доколку дојде до евентуална злоупотреба на личните податоци за време на пописот и обработката на податоците, одговорноста ја сноси контролорот, во случајов тоа би бил Државниот завод за статистика.
-Наше е да кажеме се што треба да се примени и доколку евентуално нешто дојде подоцна моментот на реакцијата или доколку има компромитација на некакви информации што би содржеле личен податок, тогаш ние би провериле дали има грешка во системот, субјективна кај ангажираните луѓе. Во секој случај одговорноста е на контролорот што во случајот е ДЗС, вели тој.
Што се однесува до попишувачите кои на терен ќе треба да ги собираат податоците за населението и домаќинствата, Кузевски вели дека решението за овластување што ќе треба да го потпишат попишувачите ќе биде дополнето со дел за заштита на личните податоци, како и изјава за тајност.
-Она што ние го подготвуваме од наша страна што веќе го прифати ДЗС е сите попишувачи без оглед колку се на број да добијат решение за овластување, кое секако ќе го добијат изворно согласно Законот за попис на население, што ќе биде дополнето и со овластување во сегментот за заштита на лични податоци, а сите попишувачи ќе потпишат и изјава за тајност и заштита при обработката на личните податоци со која што ќе прифатат дека се информирале за правата, обврските и должностите, но и одговорностите кога станува збор за обработката на личните податоци при спроведување на процесот на попишување, објаснува Кузевски.
Според Законот за прекршоци, како што појаснува, има два типа на одговорност.
-Онаа што е на контролорот, во случајов Државниот завод за статистика, на одговорното лице кај контролорот што би било раководството на ДЗС, и ако некој надолу по пирамидата направил директно грешка со некаква намера, со тоа што ќе треба тоа да се утврди, во тој случај би се размислувало за индивидуална одговорност, но се тоа е ако некој направи некоја грешка, не како организациска мерка бидејќи тоа е одговорност на раководството односно ДЗС, потенцира во изјава за МИА заменик-директорот на Агенцијата за заштита на лични податоци Кузевски.
Пописот во земјава треба да се спроведе од 1 до 21 април.