Министерот за животна средина и просторно плaнирање, Насер Нуредини и амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер Техада, денеска го посeтија Регионалниот центар за развој на Полошкиот регион, каде порачаа дека се обезбедуваат средствата за инвестирање во основната инфраструктура за управување со отпад во државата.
Како што соопштија од МЖСПП, во Регионалниот центар за развој министерот и амбасадорката се сретнаа со претставници на консултантскиот тим и изведувачот, заради увид во прогресот на имплементацијата на брзите мерките за рехабилитација на постојната локација за депонирање на отпад Русино, кои се предуслов за отпочнување на втората фаза од процесот на воспоставување на интегриран самоодржлив систем за управување со отпад во Полошкиот регион.
На средбата, амбадорката Техада изразила подготвеност за продолжување на финансиската поддршка на SECO, преку обезбедување на дополнителни средства за воспоставување на инфраструктурата и имплементацијата на Регионалниот план за управување со отпадот во Полошкиот регион, доколку државата обезбеди средства за продолжување на планираните активности.
За таа цел, министерот Нуредини информирал дека на барање на МЖСПП, Владата на 2 февруари го одобри започнувањето на постапка за обезбедување на заем од меѓународни финасиски организации за воспоставување на регионален систем за управување со отпад во Југоисточен, Вардарски, Пелагониски, Југозападен и Полошки Регион во висина од 55.367.614,00 евра.
-Со обезбедувањето на овие средства, државата ќе може да започне со изградбата на основната инфраструктура за управување со отпадот на регионално ниво, соопштија од Министерството