Османи и Столтенберг, како што се наведува во соопштението од МНР, разговараа околу активностите на Република Северна Македонија во насока на заокружување (на процесот за) и целосно интегрирање на земјата во структурите на НАТО, финализација на правната рамка, ратификување на договорите што произлегуваат од нашето членство во организацијата и други активности што произлегуваат од членството.
На средбата беа разменети и повеќе мислења околу политичко-безбедносната состојба во регионот и пошироко, како и околу нашето учество во натамошните планови и активности на Алијансата, а се разговараше и околу актуелните состојби со КОВИД 19 пандемијата, при што, како што се додава, заеднички беше констатирана потребата од тесна соработка во рамки на НАТО и со земјите членки во справувањето со оваа глобална криза.
-Особено сме благодарни до сите земји-членки и партнери што обезбедија помош за нашата земја, што го цениме како висок степен на солидарност, како клучен принцип врз кој се темели НАТО, нагласи Османи.
Османи е во дводневна билатерална посета на Луксембург и Белгија, во рамките на дипломатските активности за посета на европските главни градови, што има за цел презентација на европското досие на Северна Македонија.