Средба на претседателот на Собранието Џафери со романската амбасадорка Аксинте

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска оствари протоколарна средба со амбасадорката на Романија во земјава, Адела Моника Аксинте.

– Претседателот Џафери изрази задоволство за средбата и и упати честитки по повод именувањето на амбасадорката, при што ја нагласи важноста од меѓусебната билатерална соработка и нејзиното продолжување на највисоко ниво и на ниво на пратеничките групи за соработка, штом тоа го дозволат здравствените прилики во двете земји. Тој воедно се заблагодари и за силната и континуирана поддршка што Романија и ја дава на Република Северна Македонија на планот на европската интеграција на земјата и изрази верба дека и како НАТО-сојузници ќе имаме плодна и континуирана соработка, информира Кабинетот на Џафери.

Во соопштението се посочува дека амбасадорката Аксинте го поздрави функционирањето на Собранието како важен промотор на реформските закони кои се во интерес на сите граѓани и сподели значајна констатација дека воспоставеното пријателство помеѓу двата законодавни дома, на Романија и Република Северна Македонија, во март оваа година ќе бележи 20-годишна традиција на соработка помеѓу парламентарните групи за соработка и силно го поздрави тоа.

Аксинте истакна дека овие односи во иднина ќе се негуваат со истиот интензитет, а посебен акцент ќе се стави на зајакнувањето на соработката во економската сфера.

-Амбасадорката изрази благодарност за пријателскиот однос и топлото гостопримство во нашата земја. На крајот, двајцата соговорници ја реафирмираа важноста од континуиран политички дијалог во насока на јакнење на севкупната билатерална соработка меѓу двете држави и особено унапредување на меѓупарламентарната соработка и споделување на заедничките искуства од надворешната политика и парламентарната дипломатија, се наведува во соопштението за средбата на претседателот на Собранието Џафери и романската амбасадорка Аксинте.