Вакцината од АстраЗенека ќе ја сочинува првата количина која земјава ќе ја добие преку Ковакс системот, која е планирано да пристигне во март годинава. Министерството за здравство вчера информира дека Ковакс системот преку допис ги соопштил деталите за првата испорака и типот на вакцината која ќе пристигне во нашата земја.
Системот, како што потенцираат од Министерството за здравство е целосно подготвен да ги прими количините на вакцините преку Ковакс механизмот, но истовремено обезбедува вакцини од други производители и преку други механизми, кои Република Северна Македонија треба да ги добие. За таа цел во Собранието беа изгласани измените и дополнувањата на Законот за лекови и медицински средства кои се однесуваат на регистрација на вакцините против Ковид-19 во земјата, се наведува во соопштението.
Премиерот Зоран Заев завчера во интервју за печатеното издание на „Капитал“ посочи дека земјава обезбедува вакцини на сите можни начини и од сите можни извори кои светот ги користи и кои несомнено покажуваат резултати и се докажано безбедни.
– Очекуваме во текот на февруари во земјава да пристигнат вакцини од повеќе производители достапни за граѓаните, а првите верувам ќе бидат вакцината на „Фајзер“ и вакцината на „Синофарм“. Ние сме целосно подготвени за првите количини од аспект на нивното складирање во соодветни услови, од аспект на правно-процедурални постапки и се разбира од аспект на организациски план за вакцинирање. Затоа ја направивме и измената на Законот за лекови од причина што глобална политика на производителот на вакцини „Фајзер“ со кој имаме договор, бара да аплицира како меѓународно претставништво, а не преку фирма регистрирана во нашата држава, рече Заев.
Земјава, потенцираат од Министерството за здравство, има развиена безбедна и сигурна логистичка поддршка за прием, складирање и дистрибуција на вакцините до вакциналните пунктови каде што ќе се спроведува вакцинацијата. За вакцините за кои што е потребно одржување на стандарден ладен ланец од 2°С до 8°С се користи постојниот логистички систем. За вакцините кои имаат посебен температурен режим на прием, складирање и транспорт на температура пониска од -70°С или -20°С се надогради постојната мрежа со обезбедување соодветни ладилници.