Курц: Австрија ќе се залага за започнување на задоцнетите преговори на С.Македонија во првата половина на 2021

Австрија во потполност го поддржува европскиот пат на целиот Западен Балкан и ќе се залага за започнување пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија во првата половина на оваа година. Наш стратешки интерес е да го внесеме регионот во ЕУ што е можно побрзо.

Ова го вели австрискиот канцелар Себастијан Курц во интервју за февруарскиот број на белградскиот магазин КорД, јави дописникот на МИА од Белград. Тој изрази посебно жалење што Северна Македонија, како „примерен-кандидат“, сè уште ги нема отворено пристапните преговори со ЕУ.

-Австрија ќе се залага за започнување на долго задоцнетите преговори за членство со Северна Македонија и Албанија во првата половина на 2021 година, додаде Курц.

Србија, пак, истакнува тој, има единствена одговорност да покаже дека Западен Балкан напредува по својот европски пат со значително забрзување на сопствените реформски напори и постигнување на конкретни и опипливи резултати во владеењето на правото и другите основни области.

-Постојаниот ангажман со добра волја во преговорите и постигнување на сеопфатен и правно обврзувачки договор за нормализирање на односите (со Косово) е клучно за напредок на европскиот пат, кажа Курц.

Тој исто така изјави дека Австрија останува пријател на Западен Балкан и во време на кризата и дека поддршката на регионот во борбата против пандемијата со Ковид 19 е нејзин главен приоритет. Потсети дека Австрија неодамна ветила 2,4 милиони евра за иницијативата Ковакс, додека ЕУ одлучи да стави на располагање 70 милиони евра за вакцините за Западен Балкан.