МАКЕДОНЦИТЕ ВО ДИЈАСПОРАТА ПРЕКУ ПЕРОТО НА СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ КАТИН (ТРЕТ ДЕЛ)

МАКЕДОНСКОТО ИСЕЛЕНИШТВО ВО ДЕЛАТА НА СЛАВЕ КАТИН

Славе Николовски-Катини е познат, меѓу другото, по неговите дваесеттина објавени публикации посветени исклучиво на македонското иселеништво. Почнувајќи од првото дело за иселеништвото „Македонски холокауст“ до 50-то дело во неговото творештво „Светот на дланка“, во шеснаесетте публикации тој го претставува значајниот придонес во натамошното проширување на сознанијата за драмата на македонскиот народ во дијаспората.

.Тој пишува за ктивното духовно и културно-просветно живеење на Македонците во дијаспората и разгледува во определен обем и време, низа суштински прашања што се однесуваат на вистината за Македонската православна црква и за македонскиот народ во минатото и за сегашните состојби во македонските православни општини надвор од Републиката Македонија.

Така, со делото Македонските православни црковни општини во Австралија, Канада и САД“, (НИО „Нова Македонија“, Скопје, 1991, 1-192,  на македонски јазик), кое се појави во рамките на едицијата „Сведоштва“ на „Нова Македонија“, Славе Катин настојува да го осветли историскиот и развоен пат на македонските православни црковни општини на македонските доселеници во прекуокеанските земји. Поточно да го посочи она место во македонската црковно -национална историја за кое се избориле самите македонски иселеници. Трудот опфаќа подолг временски период што претставува макотрпна, но и одговорна самоиницијативност, да се создаде таква публикација којa би го отсликала најважниот период на македонските православни црковни општини и активностите на македонските иселеници во нивните средини.

При подготвувањето на материјалот, а текстовите за црковните општини со изведени скратувања на материјалите кои беа објавувани во весникот „Нова Македонија“ од Скопје, се користени публикации, списанија, научни трудови, писма, разговори, извештаи и друг вид материјали, што се однесуваат на животот и активностите на македонските православни црковни општини и на македонските доселеници во прекуокеанските земји. Оваа публикација не претендира на исцрпност, туку, напротив, таа само ги поткрепува наодите и констатациите изречени при третирањето на одделни прашања за значењето и улогата на Македонската Свети – Климентова православна црква – Охридска архиепископија.

Во текот на прославата осум века на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново, во Преспа беше промовирана публикацијата „Македонските православни црковни општини во Австралија, Канада и САД“ во „Сарајот“ во Ресен. Промотор на делото беше академик Блаже Ристовски, тогашен потпретсдател на експертската влада на Република Македонија и претседател на Комисијата за односи со верските заедници.Тој, меѓу другото, рече:

Во делото „Македонските православни црковни општини во Австралија, Канада и САД“ Славе Николовски-Катин дава глобален преглед од појавата на македонските православни црковни општини до современиот црковен живот на македонските доселеници во прекуокеанските земји, САД, Канада и Австралија. Активното духовно и културно-просветно живеење на Македонците во дијаспората, наметнува, во определен обем и време, низа суштински прашања што се однесуваат на вистината за Македонската православна црква и за македонскиот народ во минатото и за сегашните состојби во македонските православни цркви и црковни општини надвор од Републиката.

Во овој историски преглед, Катин прави обид за периодизација на македонските православни цркви, црковни општини и манастири во прекуокеанските земји, свесен дека натамошното истражување на црковниот и националниот живот на македонските иселеници може да доведе до промени и во поглед на обемот на материјалот во соодносот меѓу одделните периоди. Во делот што се однесува на периодот на живеењето и активноста на иселениците по Втората светска војна, Славе Катин ја опфаќа дејноста на поголем број свештеници, активисти од иселеништвото, историчари, новинари, верници и други, чија активност во оваа книга не е целосно проследена. Но, со нејзиното второ издание, веројатно, ќе се обезбеди нејзин поцелосен опфат.

Во ова дело, Славе Катин настојува да го осветли историскиот и развојниот пат на македонските православни цркви и црковни општини и на македонските иселеници во прекуокеанските земји. Поточно, да го фокусира она место во македонската црковно-национална историја, за кое се избориле самите македонски иселеници. Тоа опфаќа подолг временски период што претставува макотрпна, но и одговорна работа каква што бара публикација за развојот на македонските православни цркви и црковни општини, како и активностите на македонските иселеници во нивните средини.

Оттука, во подготовката на книгата се користени научни трудови, публикации, извештаи, писма, разговори и други извори поврзани со оваа тема. Но, и покрај тоа, Катин е свесен дека ова негово дело не претендира на исцрпност, заради што и очекува дополнувања и сугестии кои би ги збогатиле сознанијата за активностите, животот и историјата на македонското иселеништво, од сите делови на Македонија и на македонските православни цркви и црковни општини во Австралија, Канада и САД, истакна д-р Ристовски.

Во 1992 година, се појавува книгата „Во Австралија како дома“, („Матица македонска“, Скопје, 1992, 1-136, на македонски јазик) во која Славе Катин ги пренесува своите творечки преокупации како патеписец, портретист, репортер и хроничар на дел од настаните во македонските колонии во Австралија.

Тој овојпат се фокусира на прашањата и проблемите од областа на животот и активностите на македонските доселеници, особено на Македонците од Беломорска Македонија кои живеат и работат во демократска и мултикултурна Австралија, каде, за разлика од својата земја, ги уживаат сите социјални и човекови права“, вели во својот предговор кон книгата, познатиот македонски публицист и научен работник Христо Андоновски, еден од компетентните познавачи на македонското иселеништво.

Подвлекувајќи дека на тие далечни простори на петтиот континент, Македонците постигнуваат забележителни резултати на национален и духовен план, во бизнисот, културата и образованието и во социјалниот живот, воопшто, тој нагласува дека нивните дострели на овој план придонесуваат Македонците да бидат познати и признати, како од домашниот фактор, така и од другите етнички групи во Австралија.

Не случајно ова дело на Славе Катин го носи насловот „Во Австралија како дома“, зашто македонските иселеници во оваа земја се чувствуваат како дома. Паралелно со остварените материјални услови, кај нив е видлива и трансформацијата на животните и работните навики во новите средини.

Не е мал бројот и на оние Македонци кои со своите интелектуални и образовни, духовни и други способности, се пробиле во повисоките сфери на австралиското општество, како професори, лекари, адвокати, бизнисмени, писатели, уметници, па и членови на високите државни структури. Затоа голем број од нив новата средина Австралија ја избрале како своја, постојана – втора татковина, зашто им пружа услови да се чувствуваат токму како дома.

Познато е дека од политички и други причини, на Македонците од егејскиот дел на Македонија не им беше дозволено да се школуваат на својот мајчин македонски јазик. Меѓутоа, во новите средини голем број од нив започнаа да го учат англискиот јазик, со цел подобро да се вклучат во животот на новата средина, а своите деца ги школуваат во англиски училишта, колеџи и универзитети. Така, со текот на годините, кај Македонците во Австралија дојде до зголемување на воспитно-образовното и културно-научното ниво, што го подобри нивниот статус во Авастралија.

Книгата „Во Австралија како дома“, за прв пат е промовирана пред голем број љубители и обожаватели на Катин во Љубојно, на Илинденските празнувања во 1992 година, а потоа и во Клубот на писателите „Браќа Миладиновци“ во Торонто.

Во 1992 година во текот на празничните денови во библиотеката на „Домот“ во Љубојно, пред повеќе од двеста присутни, за прв пат се одржа промоција на книга. Тоа беше промоцијата на делото „Во Австралија како дома“ од Славе Николовски – Катин, за кое зборуваа проф. д-р Томе Саздов, како претседател на Матицата на иселениците од Македонија и писателот Раде Силјан како издавач. Исто така на присутните им се обратија проф.д-р Васил Тупурковски и писателот Цане Здравковски.

Инаку, Љубојно е типично македонско, преспанско, печалбарско место од кое, како и од голем број села под Пелистер, многумина заминале и се задомиле во многу земји од светот, но тие  доаѓаат во родно место,особено за Илинден. Затоа и останала поговорката „Ојш кај ќе ојш, во Љубојно за Илинден дома да си дојш“.

Благодарение на демократските процеси што настанаа по осамостојувањето на Република Македонија како независна, демократска и самостојна држава, Илинденските средби во Љубојно добија нова организационо-културна и програмска шема, дух и димензија .

Како резултат на таквите услови, на средбите кои имаа карактер само на илинденска прослава започнаа да се прошируваат и да се внесуваат и други активности и содржини на културен план. Со тоа се потврди дека македонските печат во прекуокеанските земји и Европа има посебно значење и играат огромна улога во зачувувањето на македонскиот јазик, во продлабочувањето на националниот дух и самобитноста и за продолжување на културните традиции на Македонците во светот

Така, навлегувајќи во сложената структура на македонската дијаспора, своите професионално разработени проекти на публицист и истражувач, Славе Катин ги реализира со динамика на добро организирана институција, што придонесува за неговата избалансирана годишна публицистичка продукција, каква што ретко може да се најде и кај професионални институти во Република Македонија.

Продолжува

Пишува: ДУШАН РИСТЕВСКИ

МАКЕДОНЦИТЕ ВО ДИЈАСПОРАТА ПРЕКУ ПЕРОТО НА СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ КАТИН (ВТОР ДЕЛ)

МАКЕДОНЦИТЕ ВО ДИЈАСПОРАТА ПРЕКУ ПЕРОТО НА СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ КАТИН (ПРВ ДЕЛ)