ДЕЛ ОД ИСЕЛЕНИЧКАТА ВИСТИНА НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ (2)
ПУБЛИЦИСТИКАТА НА СЛАВЕ КАТИН- ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА НА МАКЕДОНСКИТЕ ИСЕЛЕНИЦИ
Во еден подолг период Славе Николовски – Катин го свртува вниманието на себе со својата динамична информативна и публицистичка дејност поврзана со иселеничкиот корпус. Притоа, тој навлезе во суштината на проблемите со кои се преокупирани Македонците во дијаспората, но и државните структури во земјата, кои во разни периоди имаа различни погледи кон иселеништвото, што е и причина за отсуството на една подолгорочна и конзистентна државна стратегија кон нив.
.Свесен за тој факт, Катин настојува да ја пополни таа празнина, да го надомести тој вакуум и да воспостави извесен баланс во односите на државата со раселените Македонци, со што започна да го гради големиот (златен) мост на поврзување на Македонците расселени по светот со Татковината, како самостојна и независна држава. Но, и нивното меѓусебно запознавање и зближување, независно од оддалеченоста на нивните дестинации.
Широката палета на Катин за остварување на стратегиските цели на овој план, опфаќа бројни зафати, дел од кои веќе функционираат. Освен неговите релативно чести посети на трите континенти и личните средби со иселениците, преку монографските изданија за најуспешните од нив, Катин се обидува интересот за соработката со дијаспората да го пробуди и кај луѓето во државниот врв на земјата.
Публицистичкиот опус на Славе Катин опфаќа 60 наслови на книги, од кои дваесет и една се тесно поврзани со иселеништвото, дваесеттина се дела за познати и признати иселеници, десеттина се посветени на духовно-националното живеење на Македонците во светот и десетина се лексикографски изданија.. Со ваков импозантен историографски корпус посветен на македонската дијаспора, не можат да се пофалат многу македонски историчари.
И не само тоа. Македонската голгота во делата на овој автор е осветлена од сите аспекти: историските околности кои довеле до нејзината појава, динамиката со која се развивала, структурите на населението кои се нашле под нејзин удар, динамиката на нивното интегрирање во новите средини, негувањето на културните традиции, комуникациите со Татковината, економската консолидација и нивното афирмирање како значаен етнички фактор во државите во кои се доселиле и останале да живеат.
Македонската иселеничка проблематика е доминантна во делата „Македонски холокауст“ (НИО „Студентски збор“, 1990), „Македонските православни црковни општини во Австралија, Канада и САД“ („Нова Македонија“, 1991), „Во Австралија како дома“ („Матица македонска“, 1992), „Македонскиот иселенички печат“ (НИО „Студентски збор“, 1993), „Печалбарски копнеж“ („Матица македонска“, 1993), „Македонски иселенички паноптикум“ (Друштво за наука и уметност, Битола, 1996), „Поетски иселенички меридијани“ („Матица на иселениците од Македонија, 1996), „Иселенички хоризонти“ („Македонска искра“, 1999), „Моите патувања низ светот“ („Мкедонска искра“, 2001), „Македонците во САД и во Канада“ („Македонска искра“, 2002), „Илинден 1903-2003 и македонските иселеници“ („Ма-кедонска искра“, 2003), „Иселеничка вртелешка“, „Македонска искра“ – Скопје, 2008, „Love Stories“ (Љубовни приказни), „Македонска искра “, Skopje, 2011, „Илинден во Љубојно и Преспа“,, „Македонска искра“, Скопје, Македонско друштво „Љубојно“- Детроит, 2013, „Светот на дланка“, „Контура“, Скопје, 2014, „Македонски иселенички меридијани“ „Македонска искра“,Скопје, 2017, „Израел и Македонија“„Македонска искра“, Скопје, 2017 Macedonians in the World, „Македонска искра“ и Фондацијата „Џорџ Атанасоски“, Скопје, 2018, „Македонците во светот“„Македонска искра“ Скопје, 2019 и „Преспанска разгледница“, „Македонска искра“ Скопје, 2020
Особено внимание заслужуваат неговите монографиите: „Атанас Близнаков“ (2000), „Андреа Бранов“ од Мелбурн, Австралија (2001, „Семејството Јановски“ од Торонто, Канада (2002), „Светле (Стив) Стамевски“ од Детроит, САД (2005),„Митрополитот Кирил“ од Македонија (2007), „Ѓорѓи (Џорџ) Томов“ од Њујорк (2007), „Бошко Рајчовски–Пелистерски“ од Флорида (2008), „Петар Стаматов“ од Чикаго (2010), „Ѓорѓија–Џорџ Атанасоски“ од Флорида, (2012), „Атанас Близнаков“од Гери, САД (2015) (на македонски и англиски јазиk), и „Есма Реџепова-Теодосиевска“ од Скопје (2015), (на македонски, англиски и ромски јазиk), како и делото „Гога Печенковски“ од Ресен (2004) (на македонски јазик).
Славе Катин е коавтор и на делата: „Придонесот на Македонија во светската цивилизација“ (2004), „Од Панонија до Егеј“ (2007), (на македонски) со академик д-р Антоније Шкокљев-Дончо, „Македонија во античко време“ (2010) и „Балканот и Македонија“ (2014) (на англиски) со академик д-р Антоније Шкокљев-Дончо и Ристо Стефов, потоа „Во чест на Свети Кирил и Методиј“ (1994), „Ореолот на Дева Марија и Света Богородица Сливничка во Преспа“ (2007),(на македонски) со проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ, и „40 поклоненија пред гробот на свети Кирил во Рим“(2008) (на македонски), со проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ и епископ Климент, како и делата „Македонски вознес“ (1994) (на македонски и англиски), „Поетски иселенички меридијани“ (1995) и„Македонците во Хамбург (1978-1998)“ (1997), (на македонски јазик) трите со Фиданка Танаскова, „Илинден во Љубојно и Преспа“ (2013) (на македонски и англиски) со Бошко Рајчовски–Пелистерски и „Силјан Мицевски“ од Битола (2015) со Ѓорѓи Лумбуровски (на македонски јазик).
Делото An English–Macedonian Limnological Dictionary / Англиско–македонски лимнолошки лексикон, Хидробиолошки завод, Охрид, 1986, 1-206, (на англиски и македонски јазик). Е првото дело на Славе Николовски-Катин, а публикацијата „Преспанска разгледница“, „Македонска искра“ Скопје, 2020, 1-340, (на македонски јазик) е шеесетто дело |
Славе Катин е познат и со неговите лексикографски изданија за деца „Ајде да учиме македонски и англиски“ (1997)(на француски, германски, турски, со Исние Шабан, албански, со Лирија Реџепи, влашки со Захарица Порчу и со Љатив Демир на ромски јазик), и „Англиско-македонски биотехнички речник“ (1994), потоа “Англиско-македонски ветеринарен речник”(1996) со проф. Илинка Дракулевска-Грубовиќ и проф. Никола Јордановски, „Библиски речник“ (1997), со проф. д-р Петко Златески, „Водич низ компјутерската терминологија“(2000), со Стеван Томовски.
Тој е познат и по преведените бројни дела и трудови од македонски на англиски јазик и обратно, меѓу кои: „Селото Неволјани-Леринско“ (1986) (од македонски на англиски) од Ристо Кираџиев од Торонто, на преводите на „Јубилејното издание посветено на 50-годишнината од основањето на хидробиолошки завод – Охрид“, Охрид, (1985), на „Развојот и исхраната на младите циприниди во Охридското Езеро“ (1988), (од македонски на англиски), докторска дисертација на биологот Милчо Точко од Охрид, „Страници за Македонија и Македонците“ (1990) од Христо Андоновски, од Скопје и „Македонски стопански речник“ (1990) на Стопанска комора на Македонија, „По патеките на Евлија Челебија“ (2007) (на турски јазик.) како и други преводи на научни трудови од македонски на англиски и обратно, Тој е особено познат со преводот од англиски на македонски јазик на романот „Александар Македонски“ (1988) од Урлих Вилкен.
Наведениве наслови недвосмислено говорат за широкиот интерес и упатеност на Катин во исленичката проблематика. Посебна потврда за тоа е и фактот што своето високо мислење за неговите дела го дале голем број истакнати македонски историчари, научни работници, новинари и публицисти, со нагласена интелектуална позиција во македонското општество и надвор од него.
Така, делото „Македонски холокауст“, (НИО „Студентски збор“, Скопје, 1990, 1-236 на македонски јазик) непосредно и аргументирано ги прикажува животните судбини на Македонците. Во секој презентиран текст читателот го чувствува присуството „на последное целивание“ на Македонецот со родната грутка, со најблиските во родниот крај и со гробовите на починатите. Никој од насилно отселените од родниот праг не верувал нити пак ќе поверува дека латинската поговорка: „Ibi bene ibi patria“ (Таму каде што ти е убаво, таму ти е и татковината) претставува вистина. Затоа и за на век вака ќе се одгласуваат како вистина испеаните песни: „Бог да бие кој прв спомна Америка“, „Туѓината пуста да остане“ и други македонски песни.
За првото дело на Славе Катин „Македонски холокауст“, посветено, главно, на иселеништвото, истакнатиот македонски општествен и културен работник Живко Василевски, претседател на Културно-просветниот собор на Собранието на Република Македонија, а потоа и претседател на Матицата на иселениците од Македонија, ќе истакне:
“Ова дело претставува значаен придонес во натамошното проширување на сознанијата за драмата на македонскиот народ и за нејзините режисери, кои што со невидена упорност ја продолжуваат со години, децении и векови и се’ уште упорно ја продолжуваат и се надеваат на конечното искоренување на Македонците од нивниот дел на Балканот.
Македонија, таа срцевина на Балканот, од искона била и ќе биде крстосница на најзначајните магистрали меѓу Северна и Средна Европа, од една, и Медитеранот и Блискиот Исток, од друга страна. Преку овие магистрали постојано се движеле цивилизациите од Север кон Југ и од Југ кон Север и секоја зад себе оставила траги од својата материјална култура. Веројатно оваа вистина за Македонија била и мотив „железниот“ канцелар Бизмарк, кон крајот на XIX век да ја изговори познатата синтагма: „Оној што владее со долината на Вардар, владее и со Балканот“.
„Оваа вистина претставувала основа за завојувачката политика на Отоманската империја кон Европа, како што била и мотив во политичката стратегија на балканските монархии за доминација на Балканот. Во контекстот на геостратешкото значење на Македонија на Балканот, а и пошироко, се кроеше судбината на Македонија и на Македонците, се кроеја нејзините голготи и искоренувањето. Во прилог на тоа говорат бројните притисоци над Македонците, колонизациите со немакедонско население, асимилацијата и денациона–лизацијата и како крајно средство, физичкиот геноцид над македонското население.
Во рамките на овие и вакви ангажирања на аспирантите за владеење со Балканот, станува сосема разбирлива и вистината за една третина од отселените Македонци од својата родна грутка во прекуморските земји. Оваа судбина е карактеристична и за народот од Израел и за Ерменците.
Во „Македонскиот холокауст“ Славе Катин непосредно и аргументирано ги прикажува животните судбини на Македонците. Тој ги дава сведоштвата за Лерин, Желево, Габреш, К’басница, Воден, за Љубојно, Брајчино, Велгошти, Вевчани, за Мелник, Петрич и Сандански, за Мала Преспа и преселбите и разделбите на Македонците и за нивниот непребол кон родната грутка. Во фокусот на неговото внимание се иселениците, кои се потврдуваат како мошне значаен фактор во борбата на Македонецот за својата национална легитимација, или поточно за својот јазик и култура, колку слични, толку и различни од историјата, јазикот и културата на другите словенски народи“.
На промоцијата на ова дело во Клубот на новинарите на Македонија, Живко Василевски, истакна дека во сегашниот миг на разгорени страсти за господарење со средиштето на Балканот, а и во иднина, ова дело на Славе Катин ќе претставува значајна и своевидна документација за одбраната на националното битие на Македонецот, но и аргументација за проширување на сознанијата на општествено-политичката, културната и научната јавност во светот за македонскиот дел на Балканот.
Продолжува
Пишува: ДУШАН РИСТЕВСКИ