МАКЕДОНЦИТЕ ВО ДИЈАСПОРАТА ПРЕКУ ПЕРОТО НА СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ КАТИН- 1 ДЕЛ

ИСЕЛЕНИШТВОТО – ЖИВОТНА ОПРЕДЕЛБА НА СЛАВЕ КАТИН

Македонското иселеништво е алфа и омега во творештвото на Славе Катин. Се’ што напишал и објавил во неговите книги, патеписи, репортажи, прикази, белешки, е длабоко проникнато со животот и опстанокот на Македонците во светот. Тие се негова генетска преокупација, која го потврдува фактот дека е маѓепсан од феноменот на македонската голгота.

Македонското иселеништво е негова опсесија, од која нема да се раздели до крајот на својот живот. Зашто на овој свет дошол да трага по Македонците, по оние вистинските во земјата и во светот и со нив да го споделува и доброто и злото, давајќи се’ од себе да го осветли нивниот живот, нивните победи и порази, во сите фази на нивната цивилизациска битка за одржување во планетарната орбита, како ѕвезда чиј сјај не потемнува.

ДЕЛ ОД ИСЕЛЕНИЧКАТА ВИСТИНА НА  МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ

Еден од добрите познавачи на неговото творештво, професор д-р Вера Стојчев

ска – Антиќ, во повеќе прилики по повод промоциите на д

елата на Катин, ќе истакне: „Да се зборува за македонското иселеништво во светот, значи да зборуваме самите за себе, за нашата историја, за нашата миграција, за нашата историско-општествена состојба во егзистенцијалниот континуитет. Кога го читаме она што Катин го напишал за нашите преселници, тоа значи дека со нескротлив интерес се само запознаваме. Зашто тие преселници се наши роднини, оние кои своите генеолошки гранки ги пресадуваат во некоја далечна земја, за нас позната преку прераскажувањата, а во која, еве, продолжува семејниот растеж, честопати пренесен од кај Драгорот долж Аризона, од Треска кај Нијагара, од Преспанското Езеро кај Циришките Езера, или крај бескрајните океани на Америка и Австралија.

 

Чувството за македонското иселеништво е такво зашто нашите преселници се некогашните комшии со кои растевме и ги формиравме навиките во маалата во кои живеевме, или тие се нашите сограѓани кои сега ги среќаваме наместо средсело или на плоштадите во Македонија, ширум светот, крај плажите на Лонг Бич во Лос Анѓелес, во Мајами Бич или сред Лозана и Фрајбург. Во тие моменти јас го наоѓав важниот спој на некогашниот заеднички живот, макар за еден ден или за неколку часови, кои живот знача“, нагласува Стојчевска – Антиќ и додава: „Дружејќи се со нив, Катин ги запознал постепено и перманентно, со сите нивни преокупации, судбини, истории. Не може човек да го запознае менталитетот на нашиот преселник, без личните контакти со него, во сообразност со средината што ја одбрал за своја втора земја, по Татковината. Катин имал многу средби со нив, многу изминати денови со нив, како син на вредни преселници“.

Педесет години Славе Николовски – Катин ја следи преселничката судбина на Македонците, нивната економска ситуација, културниот престиж, улогата на МПЦ во нивното мотивирање за реализација на бројни програми на медиумски, културно-уметнички, спортски и духовен план. Со фактографски материјали за состојбите на македонските преселници во светот, со афинитет да ги овековечи нивните судбини и со умешност и талент од секое пократко или подолго патување да подготви репортажа, патопис, скица или белешка. Со осет и љубов кон историјата на македонското печалбарство, Катин секогаш на секој Македонец му подарува убава литература, низ која ќе ја доживее својата судбина, не само во државата во која се преселил, туку и во својата Татковина.

Се смета дека Славе Катин е еден од најдобрите познавачи на македонското иселеништво, кој со својата богата пишана продукција, со  секој свој наслов ги збогатува хоризонтите на македонската вистина. Во нив тој ја открива болната трагедија на Македонците, подигната до ниво на една колективна национална судбина и историска категорија, исполнувајќи ја притоа општествената мисија во одржувањето и градењето на врските меѓу раселените Македонци и оние што живеат и создаваат во сопствената слободна и независна држава.

Сублимирајќи ја судбината на Македонците на Балканот со онаа на раселените, Катин остварува своевидна историска синтеза која овозможува автентичен поглед на македонската историја, создавана низ вековите, низ нивните буни и востанија против бројните освојувачи. Низ диоптријата на Катин секој Македонец ја согледува големината на просторот на неговата држава, која низ вековите доживувала трансформации во нејзиното распарчување, од нејзините соседи, кои и покрај жилавите напади и освојувања низ вековите, не можеа да ја освојат.

Преокупиран со македонската колективна судбина, Катин останува фанатично приврзан кон оваа важна национална тема. Тој ни ја открива најболната македонска трагедија, кревајќи ја и возвишувајќи ја на ниво на една колективна национална судбина и историска категорија, исполнувајќи ја, притоа, општествената мисија во одржувањето и градењето на врските меѓу раселените Македонци и оние кои живеат и создаваат во Република Македонија>, истакнуваат промоторите на делото на Катин <Иселенички хоризонти>, додавајќи дека егејскиот, односно беломорскиот, пиринскиот и преспанскиот дел во Албанија, Катин ги оживува со цврста историска документираност и која потпира на потребната фактографска аргументираност, што на неговите дела на оваа тема им дава и еден мошне значаен историографски белег.

Катин е автор кој најимпресивно ги доловува талкањата на македонските економски емигранти по светот, односно нивното раселување, па и современото отселување, а низ тоа и нашето размакадончување, нашата најболна рана, која за жал и денес не стивнува. Поминувајќи од судбина до судбина, секоја различна по својот скитнички знак, Катин ефектно го прикажува духот и психата на тие несреќни луѓе, кои се уште не можат да ја прифатат својата судбина. Потврдувајќи се како автор со вистински афинитет кон оваа тема, Катин е нејзин верен и смел истражувач, нејзин страствен опсерватор и протагонист, нејзин очевидец и елоквентен сведок.

Неговите текстови не само што ги опишуваат средбите и настаните, туку предизвикуваат љубов и верност кон Татковината, а низ нив се сублимира и авторовата визија за македонството. Токму поради тоа, делата на Катин имаат и историски аспекти, хуманистички пораки, интимни исповеди, патриотски мечти, но и психолошки и социјални елементи. А најдрагоценото што го нудат, е сознанието дека сето тоа треба да се види со сопствени очи и да се доживее лично. Зашто тој, без предрасуди и хипотеки, едноставно и уверливо, документирано и емотивно, ја прикажува трагедијата и предизвиците на македонските иселеници, како своевиден водич на историската вистина и на македонските судбини низ светот.

Делата на Катин претставуваат илустративен пример за современиот миг на македонскиот државен и политички однос кон нашите иселеници и нивните културни, црковни и спортски друштва и клубови. Однос што отвора нови можности, содржини и перспективи за градење поблиски односи и врски со македонското иселеништво, по примерот на Италија, Грција, Полска и Хрватска. Колку ќе се успее во тоа, ќе покаже иднината. Зашто во минатото миграциони процеси во Македонија се одвивале паралелно со актуелните настани на Балканот, кога македонскиот народ влегувал во разни фази на туѓи влијанија. Во ситуациите кога запаѓал во нови зависни состојби, неговата економска состојба се влошувала. Не е случајно што македонскиот печалбарски бран започнал многу одамна. Крајот на ЏИЏ век регистрира поголеми македонски преселнички групи, особено од Битолско, Леринско и Преспа, во САД, а по Првата светска војна и во Австралија.

По Илинденското востание печалбарството се засилило, а продолжило и по Балканските и Првата светска војна. Иселувањето продолжило и меѓу двете светски војни, а особено по Втората светска војна, кога била поразена Демократската армија на Грција, во Граѓанската војна, на чија страна учествувале Македонците од егејскиот дел на Македонија, надевајќи се на дефинитивно стекнување со национални и социјални права. Наместо тоа, доаѓа до масовни преселби, особено од Леринско-костурскиот крај. Во фокусот на Катин се и други специфични периоди, кои довеле до преселби во други земји, а особено во САД и Канада.

Во обединувачкиот чин на Македонците во дијаспорта, посебно место и улога има Македонската православна црква, чие делување континуирано го следи перото на Катин. По обновувањето на Охридската архиепископија во 1958 година и по прогласувањето на автокефалноста во 1967 година, МПЦ направи силен пробив и во прекуокеанските и европските држави. До крајот на Народно-ослободителната војна Македонците во дијаспората се приклучувале кон други православни цркви, вршејќи ги православните обреди, не на македонски јазик и не во свои цркви.

Првата инцијатива за МПЦ се роди во Мелбурн, Австралија, во 1956 година. Новоизградениот храм „Свети Ѓорѓи“во Фицрој е првата МПЦ осветена од македонски владика во 1960 година. Веќе во 1962 година е поставен камен-темелник на МПЦ „Свети Петар и Павле“ во Гери – Индијана, а во 1964 година на црквата „Свети Климент Охридски“ во Торонто. До Втората светска војна, бројот на Македонците во Австралија беше само неколку илјади. Меѓутоа, по војната овој број рапидно се зголемува, бидејќи, речиси цели села од егејскиот дел на Македонија, како и од Битолско, од Охридско, од Преспанско и од други делови на Македонија, се преселија во Австралија. И така, никнуваа македонските православни цркви во светот. Овој феномен станува посебна преокупација на Катин, кој на оваа тема дава посебно место во своите дела за дијаспората.

Продолжува 

dushan ristevski

 

 

 

 

 

 

 

 

Пишува: ДУШАН РИСТЕВСКИ