ОМД бара од Бајден нов американски фокус за економски развој на Балканот и Северна Македонија

Обединетатa македонска дијаспора (ОМД) упати честитки до Џозеф Бајден за стапувањето на должноста 46. претседател на САД и воедно и честита на Камала Харис, ќерка на имигранти од Јамајка и Индија, за нејзината историска улога во американската историја како прва жена потпретседател на САД, се вели во денешното соопштение на Организацијата.

ОМД е најголемата организација на македонските иселеници во Северна Америка, Европа и Австралија.

– Очекуваме соработка со Администрацијата на претседателот Бајден за да постигнеме вистинска и трајна промена на позицијата на Македонија во глобални рамки. Во последните неколку години, глобалниот статус на нашата земја длабоко страдаше поради недостаток на поддршка од Западот, околу дискриминаторските и ксенофобични напади насочени против нашата земји и македонскиот народ, велат од ОМД,

Организацијата посочува дека е во фаза на изработка на клучните цели кои треба да ги постигне во 2021 година.

– Критична цел ќе биде соработка со американските власти во насока на подобрување на инвестициите и економските можности за Македонија, како и потпишување и спроведување на Договорот за одбегнување на двојно оданочување помеѓу двете земји. Исто така, ќе бараме гаранции дека владата на САД нема да поддржува какви било политички ултиматуми од грчката и бугарската Влада насочени против Македонија, посочува ОМД.

ОМД нагласува дека ги поддржува напорите на властите во Скопје, „Македонија да го заземе заслуженото место во рамките на ЕУ и НАТО“.

– Но, не по секоја цена. Патот до НАТО не беше лесен, и истиот за жал резултираше со промена на името на земјата и поткопување на македонскиот идентитет. За жал, и покрај овие лоши отстапки што ги направи сегашната Влада, процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ и понатаму трпи одолговлекувања поради себичните барања на бугарската Влада и грчката Влада, велат од ОМД.

Посочувајќи дека на секои четири години, Американците имаат избор да свртат страница и да создадат нова иднина, претседателот на ОМД, Мето Колоски, изразува надеж дека претседателот Бајден и потпретседателката Камала Харис ќе ја стават економската дипломатија во фокусот на нивната Администрација со цел водење на прогресивна и инклузивна надворешна политика што ќе ги претставува правата на таа најскапоцена американска вредност – самоопределувањето.

Претседавач на ОМД, Стојан Николов исртакна дека Организацијата очекува Администрацијата на Бајден да игра поголема улога на Балканот и Југоисточна Европа.

– Градењето демократија, борбата против корупцијата и криминалот и заштитата на владеењето на правото се од клучно значење за регионот. Ние веруваме дека е потребен и нов американски фокус за унапредување на економскиот развој и создавање работни места со цел спречување на одливот на мозоци, изјави Николов.