Претседателот на Владата Зоран Заев оствари средба со Росана Дуџак, постојана координаторка на ОН во земјава, на која е најавено дека продолжува поддршката од Обединетите нации на нашата држава во сите области од полза за граѓаните и државата.
Од владината прес-служба информираа дека на состанокот е разговарано за иницијативата на ОН, Фонд за мир, посветен на Западен Балкан, при што е изразена согласност дека земјава е пример за стабилност и дијалог.
– Се обрна внимание на реформите кон коишто е посветена држава во делот на менаџирањето со кризи и придонесот што може да го дадат ОН преку техничка поддршка и пренесување искуства во насока на што поголема ефикасност на системот за управување со кризи, посочија од владината прес-служба.
Имено, најавена е поддршка од ОН и во областа на здравството, како и во областа на животната средина и културата.
– Констатирано е дека Владата, на национално ниво покажува определеност кон активностите за заштита на Охридскиот регион, а премиерот Заев истакна дека наодите во нацрт извештајот на Реактивната мисија на УНЕСКО, за состојбата со природното и културното наследство во Охридскиот регион се еден од владините приоритети, наведоа од прес-службата на Влада.
На средбата, премиерот Заев нагласил дека продолжува – и со поголема посветеност, имплементацијата на документот „Рамка за соработка на одржлив развој на Обединетите нации“ за периодот 2021-2025 година, што е стратешка програмска рамка за активностите на ОН во нашата држава, кон постигнување на Целите за одржлив развој и Агендата 2030 на ОН.
– Ги поддржуваме милениумските развојни цели и определени сме кон мир, заштита на човековите права, уште поголемо зајакнување на ефикасноста и одговорноста на институциите, рече премиерот Заев, кој се заблагодарил на генералниот секретар на ОН и на Организацијата на обединетите нации за поддршката на нашата земја, којашто стана членка на НАТО и очекува напредок во евроинтеграциите.