Министрите за здравство Венко Филипче и неговиот српски колега Златибор Лочнар во наредните денови ќе ги договорат деталите околу постапката за испорака на 8.000 вакцини од производителот „Фајзер“, кои Србија ќе и ги даде на државава, соопшти Министерството за здравство.
Добивањето на вакцините, како што се посочува, е договорено во директен разговор меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
– Симбол на оваа здравствена криза е солидарноста, Министерството за здравство изразува благодарност до Република Србија и српскиот народ за овој пријателски чин. Процесот на директна набавка со истиот производител е во финална фаза. Согласно договорената динамика, во февруари преку Фајзер ќе пристигнат 5.850 дози од вакцината, а по 17.500 дози во март и април. Нашиот здравствен систем е целосно подготвен за вакцинација, потенцираат од Министерството за здравство.
Клиниката за трансфузиологија отстапи два фрижидера на -80 степени за чување на вакцината на „Фајзер“, а во земјава викендот стигнаа уште два фрижидери на – 80 степени. До крајот на месецот дополнително ќе пристигнат уште три фрижидери за фајзеровата вакцина. Во февруари се очекуваат и вакцините преку КОВАКС механизмот, за кои е направена уплата и обезбедена гаранција. Вкупната количина на вакцина преку овој механизам за нашата држава изнесува 833.000 дози, стои во соопштението.