Бесими-Силвестри: Економската состојба стабилна и покрај ковид-кризата

 Странските директни инвестиции од Италија во земјава изнесуваат 107 милиони евра, но соработката има потенцијал да се продлабочи. Земјата добро се справува со ковид-кризата, а преку четирите пакети антикризни мерки се даде поддршка на стопанството и на граѓаните за надминување на кризата,  констатирале денеска на средба министерот за финансии Фатмир Бесими и новиот италијански амбасадор Андреа Силвестри.

Бесими, како што соопшти Министерството за финансии, го запознал италијанскиот амбасадор со економската ситуација во земјава и посочил дека минатата година, и покрај ковид-кризата, реализацијата на планираните приходи e над 99 проценти. 

– Вкупниот износ на сите обезбедени пакети изнесува околу милјарда евра или приближно 10 проценти од нашиот БДП, истакнал Бесими. 

За годинава, како што било посочено, македонската економија ќе се врати на патеката на економскиот раст, а следната година ќе го достигне преткризното ниво. Годинава се очекува закрепнување на инвестициската активност, потрошувачката и нето-странската побарувачка, при што е проектиран раст од 4,1 проценти за годинава согласно основното сценарио. 

– Со редизајнирање на буџетската политика и политиките насочени кон економско заздравување и забрзан раст-SmartER Growth Policies се поставува цврста основа за забрзување на економскиот раст во наредниот период, враќање на економијата на преткризната патека на раст во втората половина на 2022 година и обезбедување побрз економски раст на среден и долг рок, нагласил Бесими. 

На средбата, двете страни изразиле надеж за продлабочување на економската соработка.