СИРИЗА: Мицотакис го финализираше вртењето за 180 степени за Договорот од Преспа

На средбата со министерот за надворешни работи на Северна Македонија, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис побара верно почитување и целосно спроведување на Договорот од Преспа и го финализираше вртењето за 180 степени на ставот за ова прашање, коментираат од грчката опозициска партија СИРИЗА.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, партијата го поздравува ставот на Мицотакис и бара од грчката Влада веднаш да ги донесе за ратификација во Парламентот трите договори со нашата земја.

– Господинот Мицотакис откако прво предизвика турбуленции без преседан во земјата со неговиот радикален популизам, откако прво се идентификуваше со Златна зора во говорот на омраза против Владата на СИРИЗА и откако ја изложи земјата на меѓународно ниво со неговата хипокризија, сега го финализираше вртењето за 180 степени за ова прашање, велат од СИРИЗА.

Од партијата додаваат дека ја поздравуваат актуелната позиција на грчкиот премиер „кој сега, веќе и на официјален начин, го почитува Договорот од Преспа “.

– Како следен чекор го очекуваме извинувањето што го должи и на СИРИЗА за клеветењето и на грчкиот народ за измамите со лаги. Конечно во Парламентот да ги донесе билатералните договори за ратификацијата што ја одложува, бидејќи се плаши од сопствената партија, коментираат од СИРИЗА.

Конкретните договори кон средината на септември беа доставени во Парламентот, меѓутоа поради реакциите и барањето на лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас, ратификацијата да биде со јавно гласање, процедурите запреа.