„Критиката – актуелни аспекти“ – трибина на Институтот за македонска литература

Институтот за македонска литература денеска организираше трибина „Критиката – актуелни аспекти“ која е надоврзување на нивниот симпозиум од 2016 година во МАНУ.

– Тогаш се почувствува потреба за дебатирање за овие прашања – колку критиката се модифицира, колку е се уште релевантна и ги исчитува трајните вредности на македонската литература и култура. Тоа се прашања кои ние мора да ги поставиме зашто моделите на критиката се менуваат под влијание на нови општествени промени и на новите медиуми, односно се она што денес претставува еден диктат во културата, како што е, на пример, консумеризмот. Самата таква продукција врши релативизирање и видоизменување и на критиката, рече Маја Јакимовска-Тошиќ, директор на Институтот за македонска литература.

За квантитетот на изданија на критики кај нас мерило е бројот на книги што конкурираат за наградата на ДПМ за критика и есеистика „Димитар Митрев“. Според неа, бројот е мал, годинава имало седум книги, но, вели, се доста квалитетни.

– Според таа награда може да се регистрира што се нуди на нашата културна сцена, што се чита од критиката, на што нашите автори се осврнуваат и преку оваа награда може да се следи трендот, рече  Јакимовска-Тошиќ. А во однос на тоа дали младите автори се заинтересирани за пишување книжевна критика, рече дека подеднакво се застапени како и повозрасната генерација.

Според Соња Стојменска Елзесер, исто така од Институтот за македонска литература, квалитетот произлегува од обемот, моделот и видот кои постојат во моментов. Генерално, вели, постојат три вида критики – академска, новинарска и критика што им служи на издавачите да ги пласираат своите дела. Сите три, рече, имаат специфичен модел и варираат според квалитет, но смета дека академската критика е прилично ангажирана и сериозна, во смисла да ги афирмира националните и да ги задржи традиционалните вредности.

– Но, она што значи линк со реалниот живот, а тоа е, пред се, новинарската критика, односно критика во медиумите, и критиката на издавачите кои влијаат врз формирање на вредноста во нашиот културен живот, мислам дека малку заостанува и дека треба сериозно да се помисли за нејзино унапредување. Генерално, сите три треба сериозно да помислат за унапредување и непарцијално. Мислам дека основниот проблем на нашиот книжевен живот е што сите делуваат парцијално, а не на иста арена. Разни групации, разни генерации и разни видови критичари се мобилизираат во различни сфери, а не доаѓаат меѓу себе во еден креативен дијалог кој би довел до нови сознанија, рече Стојменска Елзесер.

One thought on “„Критиката – актуелни аспекти“ – трибина на Институтот за македонска литература

  1. This article really captured my attention. The writing style was engaging. Id love to hear more opinions. Click on my nickname for more discussions!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *