ВМРО-ДПМНЕ бара да биде повлечен Предлог-законот за попис и да се постигне општ консензус

ВМРО-ДПМНЕ бара веднаш од собраниска дебата да биде повлечен Предлог-законот за попис и владејачкото мнозинство да организира внатрепартиска и внатредржавна дебата со сите општествени фактори со цел да се најде консензуално решение како да се спроведе оваа статистичка операција.

Доколку тоа не се случи, како што изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицсковски, партијата ќе поднесе иницијатива до Министерството за правда за собирање на потписи за предлог-закон, со кој ќе се поништи законот за попис.

На прес-конференцијата во седиштето на партијата, Мицковски рече дека владеачкото мнозинство планира овој закон да го донесе „по насилен пат“ и оти „се злоупотребува европското знаменце“.

– Доколку и покрај ова, владејачкото мнозинство одлучи да го игнорира и овој предлог-закон и волјата на граѓаните, тогаш ВМРО-ДПМНЕ јасно кажува дека резултатите од овој попис нема намера да ги признае и идните раководители на институции кои ќе бидат избрани како предлог на ВМРО-ДПМНЕ немаат намера да ги почитуваат резултатите. Затоа апелираме на разум, државнотворност и консензус пред што било да се држнат да направат од владеачкото мнозинство, рече Мицковски.

Тој додаде дека на земјава и е потребен попис кој ќе даде одговор на статистичките дилеми, а не попис кој ќе биде политички. Мицковски рече дека има многу аргументи кои пратениците од опозицијата ќе ги предочат во текот на собраниската дебата.

Според него, небулоза е дека со терминалите за отчитување на отпечаток со прст дополнително ќе се потрошат пари, бидејќи согласно измените во Изборниот законик предвидено е на следните локални избори граѓаните своето гласачко право да го изразат со користењето на вакви терминали.

– Истите тие терминали можат да бидат искористени и за оваа статистичка операција, рече Мицковски.

Тој посочи дека многу поразвиени земји го имаат одложено планираниот попис, наведувајќи ги меѓу другите како пример Германија, Ирска, Романија, Србија и Бугарија.