Предизвици за 2021 година во односите меѓу Северна Македонија и Грција

Одржување на втората меѓувладина седница, ратификација на меморандумите во грчкиот Парламент и евентуалната практична поддршка од Атина за Скопје на патот кон ЕУ, би можеле да бидат дел од предизвиците во односите меѓу Северна Македонија и Грција за 2021 година, со оглед на тоа дека овие активности од минатата се префрлаат на оваа година, јави дописничката на МИА од Атина.

Минатата година, како што вчера анализираше МИА, ја одбележаа прва посета на премиер од Северна Македонија на Атина, поинтензивна комуникација за соработка, особено во енергетиката, отворен канал на комуникација меѓу министрите за здравство на двете земји, но и континуираното изразување поддршка од грчка страна за европската перспектива на Северна Македонија.

Годинава пак, почнува динамично, со потпишување на три нови меморандуми за соработка меѓу двете земји.

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи во четврток, ќе допатува во Атина, ќе оствари средба со неговиот грчки колега Никос Дендиас, како и со алтернативниот шеф на грчката дипломатија Милитиадис Варвициотис, кој е надлежен за европски прашања.

Османи и Дендиас ќе потпишат три меморандуми за соработка: едниот ќе биде со „Enterprise Greece“, другиот за цивилна заштита и третиот е за соработка на дипломатските академии од двете министерства за надворешни работи.

Според портпаролот на грчкото МНР Александрос Папајоану, станува збор за меморандуми за кои нема да биде потребно да бидат ратификувани во Парламентот.

А во грчкиот Парламент, веќе неколку месеци се три меморандуми, кои чекаат да бидат ратификувани.

Станува збор за Меморандумот за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ, Меморандумот за формирање на Координативен комитет за економска соработка и Техничка спогодба за надгледување на FIR Скопје што произлегуваат од Договорот од Преспа.

Непосредно пред работната дводневна посета на премиерот на Северна Македонија на Грција и средбите со грчкиот државен врв, во септември минатата година беа донесени во Парламентот, а согласно процедурите, следниот чекор е да бидат разгледани на надлежната Комисија за национална безбедност и надворешни прашања, а откако членовите на Комисијата ќе дадат зелено светло, ратификацијата ќе биде на седница на Парламентот.

Се чини дека процедурата е замрзната по реакциите во Грција, иако пораките што пристигнуваат од официјална Атина се дека меморандумите ќе бидат донесени на гласање.

Професорите Јоанис Армаколас од солунскиот Универзитет „Македониа“ и Вели Креци од Универзитетот на Југоисточна Европа на настанот одржан минатиот месец од Аналитика и ЕЛИАМЕП, меѓу другото истакнаа дека за подобрување и продлабочување на поврзаноста на ниво на Влади, Атина треба што е можно поскоро да ги ратификува меморандумите.

Уште една „обврска“ за 2021 година е и одржувањето на меѓувладината седница, на која домаќин ќе биде Грција.

Согласно Договорот од Преспа, Советот за соработка на високо ниво предводен од премиерите на двете земји, „ќе се состанува најмалку еднаш годишно и ќе биде надлежно тело за правилно и делотворно спроведување на оваа Спогодба и Акцискиот план кој ќе произлезе од истата“.

Првата меѓувладина седница беше одржана во Скопје во април 2019 година, при посетата на тогашниот премиер на Грција Алексис Ципрас.

Истата година беше година на промена на власта во Грција, во 2020 година низ избори помина и Северна Македонија, а секако вниманието и во двете земји беше насочено кон пандемијата.

Сепак, за втората меѓувладина седница, премиерите на двете земји Зоран Заев и Кирјакос Мицотакис, за време на нивната средба во септември минатата година, се договориле да се одржи во Атина во текот на зимата, во зависност од ситуацијата со пандемијата.

Прашањето што се поставува е дали новава година би можела да донесе и поголема дипломатска активност од грчка страна за откочување на патот на Северна Македонија кон Европската Унија и тргање на бугарската блокада.

Официјална Атина, засега, нема заземено став за разликите меѓу Скопје и Софија, а пораките што доаѓаат од грчката Влада се дека Грција е со непроменета позиција и останува силен поддржувач на европската перспектива на сите земји од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија.

Експертите од Грција, велат дека Атина би можела да се активира, да испрати порака до Софија и на некој начин да посредува во надминувањето на разликите.

Професорот од Универзитетот „Македонија“ во Солун и виш научен соработник во грчката фондација за надворешна политика „ЕЛИАМЕП“ Јанис Армаколас, на почетокот на минатиот месец во разговор со дописничката на МИА од Атина рече дека Грција можеше да најде начин да посредува, но и дека не е доцна да го стори тоа.

Објасни дека интеграцијата на целиот Балкан во Унијата е „прашање од витален национален интерес за Грција“, но се чини дека Атина не ја сфаќа важноста и остава политиката на проширување да ја создаваат „земји кои имаат двосмислен став и веројатно не сакаат целосна интеграција“.

-Грција можеше да најде начини за посредување во спорот меѓу двете соседни земји Бугарија и Северна Македонија, кои се пријатели и сојузници. Има дипломатско искуство, најспособни дипломати и политичка и геополитичка моќ во регионот за да го стори тоа. И, сигурно, САД и многу земји од ЕУ би поздравиле едно такво дипломатско активирање на Атина. Но, ова досега не се случи, рече тогаш Армаколас.

Професорот Јоргос Христидис кој исто така е од солунскиот Универзитет „Македониа“ на панел дискусија организирана од Аналитика и ЕЛИАМЕП пред 20-ина дена рече дека „за Грција е императив Северна Македонија да ги започне преговорите со ЕУ, тоа е од национален интерес и императив за грчката Влада е да стави јасно на знаење дека го поддржува почетокот на преговори“.

Истакна дека најдобриот начин Атина да испрати порака до Софија е едноставно да го имплементира Договорот од Преспа заедно со договорите што произлегуваат.

-Атина би требало да испрати порака исто така до Софија дека не се согласува со нејзината позиција во однос на пристапниот процесот на Северна Македонија во ЕУ и тоа треба да го направи, не само дека јавно не се согласува, туку едноставно со имплементирање на текстот што е ратификуван. Тоа е најдобрата порака што Атина може да ја испрати до Софија рече професорот Христидис.

Освен комуникацијата на политичко ниво, во текот на оваа година, се очекува да продолжат и контактите за продлабочување на соработката меѓу двете земји во повеќе области, нешто што започна лани.

Секако, би требало да се потпише и договорот за избегнување на двојното оданочување, нешто што со години наназад беше барање на бизнис заедниците, а за кое стана збор на средбата Мицотакис – Заев во Атина.

Уште еден предизвик за оваа година е и отворањето на границите за македонските државјани, прашање кое веројатно ќе зависи од текот на пандемијата.