Официјално Центарот за обука на пилоти во структурата на Армијата на Република Северна Македонија

Со воена церемонија во Центарот за обука на пилоти (ЦОП), во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, денеска се изврши преминување на овој капацитет за обука на пилоти во структурата на Армијата на Република Северна Македонија.

Со потпишување на финалниот записник за примопредавање од страна на одговорниот претставник на Армијата, директорот на Генералштабот, генерал-мајор Зоран Милески и директорот на ЦОП и претставникот на израелската фирма ЕЛМАК-Елбит системи, Јаари Шрага, соопштија од генералштабот на Армијата, официјално се изврши примопредавање на надлежностите од израелската фирма на Армијата на Република Северна Македонија.

– Со ова формално ЦОП, согласно планот за трансформација на Армијата и досегашниот договор влегува во структурата на Армијата на Република Северна Македонија како составен дел од Воздухопловниот ВИНГ, се наведува во соопштението.

На предавањето на Центарот присуствувале министерката за одбрана Радмила Шекеринска, заменик-министерот Башким Хасани, заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, државниот секретар, Драган Николиќ, директорот на Генералштабот, генерал-мајор Зоран Милески, почесниот конзул на Израел во Република Северна МАкедонија, Градимир Шумковски и генерали во Армијата.

Во своето обраќање, генералот Милески се заблагодарил на досегашното раководство за високата професионалност и успешното раководење со центарот и истакнал дека Центарот за обука на пилоти ќе фукционира како Сквадрон за обука и тренажа во структурата на Воздухопловниот ВИНГ на Командата за операции.

– Од денеска, оваа единица е одговорна за примена на собраните искуства и научените лекции во делот на едукацијата и новите методи на обука и тренажа на воздухопловците на Армијата, изјавил тој и изразил увереност дека понатамошните предизвици успешно ќе бидат решавани, со што долгорочно ќе се овозможи развој на воздухопловните капацитети на Армијата поддржани со планот за модернизација и опремување на Армијата.

Директорот на ЦОП, Шрага сублимирајќи ги активностите на Центарот во изминатите десет години истакнал дека во овој период 27 пилоти дипломирале, од кои 25 за потребите на Армијата и Министерството за внатрешни работи, за што тој, како директно вклучен во оваа програма на едуцирање и произведување на нови генерации воени пилоти е особено горд.

На церемонијата, која се реализирала во согласност со протоколот на Комисијата за заштита од заразни болести за заштита и спречување на ширењето на „Ковид-19“, биле доделени и сертификати на кадетите од последната генерација кои го завршиле курсот за пилоти.

Центарот за обука на пилоти започна со работа во 2011 година, а согласно анексот на договорот, обрските на ЕЛМАК-Елбит системи за управување со ЦОП завршуваат на крајот од 2020 година, односно центарот преминува во рацете на Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија.

Целта на проектот, се подвлекува во соопштението, беше воспоставување на организиран систем за школување и обука на пилоти за потребите на Армијата, министерството за внатрешни работи и други владини воздухопловни структури. Центарот располага со тренажни средства и инфраструктура и на едно место нуди селекција, школување и поддршка на транзицијата на младите пилоти на хеликоптери, со што се овозможува оптимизирање на перформансите и безбедноста во летањето. Симулаторите се опремени со софистицирани воздухопловни и модифицирани борбени системи кои овозможуваат стекнување знаења кои се применливи и на современите воени хеликоптери од западно потекло.

– Во досегашниот период се потврди како високо професионален систем за школување и обука на пилоти, а со влегувањето на нашата држава во НАТО и интегрирањето во Армиската структура, ЦОП се прилагодува на новите национални приоритети со тенденција на поголема вклученост во програмите на НАТО за обука. Со оглед на перформансите со кои располага, кои се согласно сите НАТО стандарди (концепт, програма, тренажни платформи и инфраструктура), ЦОП може да биде потполно конкурентен на центрите кои припаѓаат на другите армии на Алијансата, се наведува во денешното соопштение од Генералштабот на Армијата.