Мицкоски: Никој од ВМРО-ДПМНЕ не е организатор на настаните од 27 април во Собранието

Ниту Извршниот комитет, ниту било кој член на ВМРО-ДПМНЕ не е дел од организацијата на самороганизирањето на народот што се случуваше во тој период, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешното сведочење во Кривичниот суд во Скопје на рочиштето за организаторите на настаните во Собранието од 27 април 2017 година.

Тој, како сведок на одбраната требаше да се појави и на минатото рочиште, на кое не дојде поради лични причини.

Посочи дека народот се самоорганизираше и тоа не само тој ден, туку и во претходните денови и месеци при што бројката варираше од неколку стотини во некои денови до неколку илјади во други денови.

Во изјава за медиумите по завршувањето на сведочењето, Мицкоски посочи дека и самиот бил дел од тие протести кога можел зашто, како што рече, протестирале против погрешните политики во најава кои тогаш беа актуелни во државата.

-Ценам дека тој начин е демократско право на секој граѓанин во демократска држава да изрази револт против определени политички девијантни однесувања на определени политички структури и политички партии, во случајот тоа беше СДСМ и она што тие во тој период го најавуваа доколку е партија која ќе ја формира владата. Дел од тој народ кој се самоорганизраше бев и јас тогаш кога времето ми дозволуваше и кога можев да им дадам поддршка на тие протести заради државните  функции кои ги обавував во тој период, изјави Мицкоски.

Според него, очигледно е дека станува збор за сериозно и жестоко монтиран политички процес кој, како што посочи, има единствена цел да нанесе штета на ВМРО-ДПМНЕ и да врши политички терор врз активистите и членовите на партијата.

-Тоа е политички процес од кој  некој профитираше, а некој  сериозно загуби. Ценам дека после 27 април сериозно загуби ВМРО-ДПМНЕ, а веднаш после тие настани влада направи СДСМ и Зоран Заев. Можеби тоа ќе Ви послужи да истражите и да иницирате кој го осмисли сето тоа, кој го спроведе и зошто се случи. Никако тој што загуби од тој процес не може да биде ниту инспиратор, ниту сценарист, ниту, пак, оперативно да го спроведе. Повеќе би се задржал на тоа кој профитираше и кој имаше бенефит од сето тоа, за жал на грбот на граѓаните и на грбот на демократијата во нашата држава. После тој ден веќе ништо не е исто, изјави Мицкоски.

Во одговор на прашање рече дека на 27 април немал никакви контакти со првообвинетиот Никола Груевски, кој кога се случуваа настаните во Собранието беше во Виена.

-Немав никакви контакти преку денот, а вечерта дојде од пат тогашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски имавме Извршен комитет и тоа беше единствениот контакт кој што го имав тој ден со него, потенцира Мицкоски.

Судењето за организаторите на настаните во Собранието од 27 април 2017 година продолжи  со испитување на повеќе сведоци од ВМРО-ДПМНЕ.

На претходното рочиште на 22 декември како сведоци на одбраната беа сослушани поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски и Владимир Неловски.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Обвинети во овој предмет се и поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, поранешните министри за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста”.