Средба Џафери – Шентоп: Традиционалните односи меѓу Македонија и Турција се одвиваат по нагорна линија

Билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Турција се на највисоко ниво и се одвиваат по нагорна линија, особено на политичко, економско и културно ниво, а добрите и пријателски односи меѓу двете земји се пресликани и во плодната парламентарната соработка, оцени на денешната средба претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери на средбата со претседателот на Големото национално собрание на Република Турција Мустафа Шентоп.

Претседателот на Големото национално собрание на Турција е во дводневна работна посета на нашата земја со група пратеници, а неговата посета се совпаѓа со одбележувањето на 21 декември – Денот на наставата на турски јазик. На средбата присуствуваа и потпретседателите на Собранието на Северна Македонија, Горан Мисовски и Фадил Зендели, претседателот на Пратеничката група за соработка со Собранието на Турција, Бејџан Илјаз и генералната секретарка Цветанка Иванова.

Џафери на средбата, како што соопшти собраниската прес-служба, се заблагодари за континуираната поддршка што Република Турција ѝ ја дава на Република Северна Македонија, пред сè, на полето на одбраната, внатрешните работи и членството во НАТО. Тој информираше за најновите настани во врска во европската интеграција, изразувајќи надеж дека наскоро ќе бидат надминати разликите и ќе се пронајде начин да се отвори патот на Северна Македонија за членство во ЕУ.

Претседателот на Големото национално собрание на Република Турција Шентоп истакна дека Република Северна Македонија има особено значење за Република Турција, нагласувајќи дека Турција го подржуваше секој нејзин чекор на меѓународен план.

Како што се посочува во соопштението, Шентоп нагласи дека, односите меѓу Турција и Северна Македонија добиваат нова димензија по членството на земјава во Алијансата, каде што продолжуваме да соработуваме како сојузници. Турција и понатаму останува силен подржувач на интегрирањето на Република Северна Македонија во Европската унија.

Шентоп на средбата се осврнал и на претседавањето на Република Турција со Процесот за соработка во Југоисточна Европа и информираше за претстојните парламентарни активности во рамките на турското претседателството. Воедно, тој упатил честитки за полноправното членство на нашата земја во Организацијата на Црноморската економска соработка.

Претседателите на двете собранија разменија мислења за последиците, начините и мерките за справување со пандемијата со КОВИД-19 и функционирањето на парламентите под посебни заштитни протоколи.

Џафери ја поздрави солидарноста на Турција во борбата со пандемијата и се заблагодари за добиените турски донации со помош за справување со здравствената криза.

Тие изразиле задоволство што меѓусебната трговската размена не се намалила за време на пандемијата, што покажува дека економските односи се засновани на солидна основа. На средбата станало збор и за борбата против тероризмот и поддршката што парламентите ја даваат на владите на овој план.

Соговорниците изразија заложби за понатамошно унапредување и зајакнување на соработката во сите полиња и надеж за продлабочување на одличните меѓупарламентарни односи, се посочува во соопштението од собраниската прес-служба.