„ЕУ Обсервер“: Нема обединета Европа додека на нејзината мапа ја има дупката Западен Балкан

Можеби изгледа трауматично, но никој не може да тврди дека бугарското вето за старт на разговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ претставува изненадување, бидејќи таквиот став на Бугарија беше познат уште од крајот на август, се наведува во анализа на „ЕУ Обсервер“.

– Но, Германија, претседавачот на ЕУ во заминување, покажа малку чувство на итност. Берлин мислеше дека неговата моќна канцеларка Ангела Меркел ќе обебзеди договор во последен момент, како што го стори тоа, на пример, за буџетот на ЕУ и за климатските цели, наведува порталот.

Сепак, според авторот на анализата Ернест Бунгури, кога станува збор за политичка и психолошка комплексност, Западен Балкан е „посебна лига“, каде идентитетот и јазикот се уште поттикнуваат тензии на ист начин како што тоа беше случај во цела Европа по Втората светска војна, кога започна проектот на ЕУ.

– Да бидеме искрени, ако случајот Бугарија-Северна Македонија беше единствениот проблем, тој веројатно ќе беше решен досега. Но, всушност, Франција и другите држави на ЕУ, како Данска, Холандија и Шпанија, со години ставаат пречки на патот на проширувањето. На хартија, процесот на пристапување во ЕУ има свои „Копенхашки критериуми“, кои велат дека кандидатите за членство треба да ги решат своите проблеми пред да влезат (во Унијата). Но, во реалноста, националните избори, па дури и личните амбиции на некои лидери од ЕУ, станаа услов за проширување на блокот, наведува порталот.

Според „ЕУ Обсервер“, земјава чекаше „девет години пред Грција да го укине ветото за ЕУ околу болниот спор за локалната историја“, поради што таа го смени своето име и Устав и направи и други работи, „освен што не успеа да ги исокрени корупцијата и национализмот“.

Сега, во пресрет на бугарските избори во март, Бугарија сака да признаме дека нашиот јазик и етничка припадност се лажни, но, според авторот на анализата, дури и да се реши тоа прашање следната година има избори и во Чешка, Кипар, Холандија и Германија.

– Нивото на напредок на Западниот Балкан од разорните војни во 90-тите години на минатиот век го одзема здивот – сите Европејци кои ќе го псоетат регионот можат да го видат тоа со свои очи. Сонот за ЕУ е тој што го инспирираше Западниот Балкан да стигне до ова ниво и тоа со милијарди евра пари на европските даночни обврзници, кои се инвестирани во име на зближувањето со Европа. Но, патот не е завршен и во последно време сонот станува гочлив, додава „ЕУ Обсервер“.

Според порталот, тука не е во прашање само лицемерието на ЕУ, која инсистира на владеење на правото, а од друга страна унгарскиот премиер Виктор Орбан и полскиот вицепремиер Јарослав Качињски го уништуваат владеењето на правото, или пак слабиот Пи-Ар на Брисел, поради што иако Србија добива најголем процент од претпристапните фондови на Унијата, повеќето Срби сметаат дека Кина, Русија и Турција прават повеќе за нивната земја од ЕУ.

– Станува збор за подлабок однос на ЕУ кон земјите од Западен Балкан, како за аутсајдери, отпадници и патници од втора класа. Тоа осбено стана видливо при пандемијата (на Ковид-19), кога ЕУ одднаш ги затвори своите граници кон регионот, како тој да е Вухан. Никој не помисли да ги покани идните членови на семејството на ЕУ, во заштитниот прстен на Европа. Наместо тоа, ЕУ им даде на земјите од Западнот Балкан три милијарди евра за да молчат (и да речат: „благодарам!“), во услови кога членките на ЕУ почнаа да се расправаат меѓусебе околу границите, маските и тоалет хартијата. Кога претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен зборуваше за вакцините, рече дека Западен Балкан може да ги добие тоа што ќе остане од ЕУ, откако ќе бидат задоволени потребите на земјите членки, додава авторот на анализата.

Тој оценува дека ЕУ мора да го смени начинот на кој се однесува кон Западниот Балкан, бидејќи земјите од регионот не може да бидат аутсајдери кога споделуваат иста историја, култура и географија со Еропа и буквално се опкружени со држави членки на Унијата.

– Со секое ново вето и секој нов унгарски или полски пркос, европскиот модел губи од сјајот. Затоа, да не чекаме новата американска администрација на претседателот Џо Бајден да дојде и да се обиде да ги поправи работите што сме ги расипале или занемариле. Да не се надеваме на чуда во последен момент, како што направи Германија со Бугарија. Наместо тоа, повторно да го направиме сјаен сонот за ЕУ. Европа може да биде цврста. Таа може да ги запре непријателите на европските вредностите, да се издигне над националната политика и да стави крај на вето-уцената. Но, лидерите и граѓаните на ЕУ исто така мора да сфатат дека нема обединета Европа, се додека на нејзината мапа има дупка во форма на Западниот Балкан, заклучува „ЕУ Обсервер“.